Три лица загинаа, меѓу кои и 11-годишно девојче, во нов ракетен напад што Русија изминатава ноќ го извршила врз Кијив, пренесува Би-би-си. Украинската новинска агенција Укринформ, пак, повикувајќи се на најновите податоци од Националната полиција на Украина, објави дека девојчето имало 9 години.
Во нападот наводно биле вклучени 10 проектили со краток дострел „Искандер“, а сирените за предупредување се вклучиле неколку минути пред градот да биде погоден, објави „Гардијан“.
Нападот во кој загина дете се случи на Меѓународниот ден на детето, кој пост-комунистичките држави го одбележуваат на 1 јуни.
Поголемиот дел од штетата врз Кијив настанал по падот на остатоците откако дојдовните проектили биле пресретнати од воздушната одбрана на градот.
Првичните информации говорат дека покрај 11-годишното девојче, загинале и нејзината мајка и уште една жена. Меѓу ранетитe исто така има дете.
Речиси 500 деца се убиени во воени напади во Украина од почетокот на целосната инвазија што Русија ја започна во февруари 2022 година, забележува „Гардијан“.
Во бројни објави на Телеграм, градоначалникот на Кијив, Виталиј Кличко утрово напиша дека во градот се случиле „серија експлозии“ и дека спасувачите се справувале со паднатите остатоци и пожарите, пишува Би-би-си.
Во меѓувреме, официјални лица поддржани од Русија во окупираниот дел од источниот украински регион Луганск соопштија дека пет лица загинале, а 19 се повредени од украинското гранатирање на живинарска фарма во средата.
Утрово, гувернерот на западниот руски регион Белгород, кој граничи со Украина, изјави дека најмалку две лица се повредени во напад на градот Шебекино за кој ги обвини украинските војници, пренесува Би-би-си.
Укринформ објави дека синоќа руските сили го нападнале и регионот Запорижја и тоа 78 пати. При нападот повредени се неколку лица, а забележани се и уништени или оштетени куќи.
Руските сили во текот на ноќта го гранатирале и Херсон, каде едно лице загинало, а пет, меѓу кои и едно дете, се повредени.
Во последниве недели Русија користи беспилотни летала – камикази, како и крстосувачки и балистички ракети за да напаѓа цели во Украина. Кијив е мета редовно, а аналитичарите веруваат дека Москва се обидува да ја исцрпи и оштети воздушната одбрана на Украина пред долгоочекуваната контраофанзива, која украинската влада ја планира со месеци.