Тројца спортисти ќе ја претставуваат Северна Македонија на зимските Олимписки игри во Пекинг

Дардан Дехари / фото: Македонски Олимписки комитет (МОК)

Тројца спортисти, од кои двајца претставници во нордиски и еден во алпски дисциплини, ќе ја претставуваат Република Северна Македонија на зимските Олимписки игри ПЕКИНГ 2022 што ќе се одржат од 4 до 20 февруари, соопшти Македонскиот олимписки комитет (МОК).

Македонската Олимписка делегација годинава во Пекинг ќе ја сочинуваат Ана Цветановска, Дардан Дехари и Ставре Јада.

Цветановска, како претставничка во нордиски дисциплини, ќе настапи на 5 и 10 февруари и ќе се натпреварува во крос кантри, како и во дисциплините 7,5 километри слободно, 7,5 километри скијатлон и 10 километри класично.

Во нордиски дисциплини ќе нè претставува и Ставре Јада, кој ќе се натпреварува на 8 и 19 февруари во крос кантри, како и во дисциплините спринт слободно од 1,5 км и 50 км слободно.

Дехари, пак, е наш претставник во алпски дисциплини, а настапува на 13 и 16 февруари. Од МОК соопштија дека тој ќе се натпреварува во трката слалом и во слалом/велеслалом дисциплините.

Ана Цветановска и Ставре Јада / фото: Македонски Олимписки комитет (МОК)

На церемонијата на отворање на ЗОИ во Пекинг, македонското знаме ќе го носат Цветановска и Дехари. Заедно со тројцата спортисти ќе патуваат и Борче Јовановски, тренер во нордиски и Антонио Ристевски, тренер во алпски дисциплини. Делегацијата ќе биде водена од страна на спортскиот директор на МОК, Владимир Богоевски.