Вистинска драма се одвиваше попладнево на улицата Џон Кенеди во скопската општина Чаир, во близина на маркетот „Веро“, каде што дојде до физичка пресметка со ножеви меѓу три лица, од кои едниот е 14-годишно момче.
Како што потврди МВР, денеска десетина минути пред 20 часот било пријавено дека на крстосница меѓу улиците „Цветан Димов“ и „Џон Кенеди“, „по претходно недоразбирање“, физички се пресметале 14-годишник и С.Р.(64) и Б.С.(18), сите од Скопје. Во пресметката тие употребиле ножеви и сите тројца се повредени.
Екипа на Мета.мк беше присутна на терен и ја посведочи вознемирената атмосфера. Граѓани од околните згради и куќи, како и вработени од продавници и ресторани на улицата Цветан Димов, излегоа на улица за да дознаат што се случува.
На местото на настанот пристигнаа повеќе полициски возила, мотоцикли и возила на Итната медицинска помош, кои со вклучени сирени и ротациони светла се пробиваа низ сообраќајниот метеж во насока кон Бутел.
На оваа делница од градот се создадоа долги колони возила, бидејќи сообраќајот се пренасочуваше за да им се овозможи непречен пристап на службите за итна помош и полициските возила.
Возила на Брзата помош со голема брзина се упатија кон Комплексот клиники „Мајка Тереза“ и кон Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ каде се пренесени повредените. Засега не се објавени детали за сериозноста на повредите, ниту се познати причините за пресметката.