Министерството за внатрешни работи соопшти дека поднело кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) против тројца полициски службеници од Полициската станица Кочани – К.Б., Г.Л. и А.Т. – поради основано сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, казниво по член 353 став 1 од Кривичниот законик.
Како што информира МВР, двајца од пријавените полицајци во октомври и ноември 2023 година спровеле контрола во кабарето „Пулс“ по пријава за нарушување на јавниот ред и мир. Во записниците по контролата, тие ја навеле како одговорна компанијата „Класик ДМ ДОО“, која во тој период веќе била неактивна. Притоа, свесно ја игнорирале информацијата дека од 15 февруари 2023 година, дискотеката „Пулс“ била регистрирана под ново правно лице – „ММММ Кафе ДООЕЛ Кочани“, со одговорно лице Митко Стојанов.
Според МВР, првопријавениот К.Б., во времето на извршување на делото, работел како помлад инспектор-водич, а второпријавениот Г.Л. како инспектор-сменоводител. И двајцата, по контроли извршени на 7 октомври и 25 ноември 2023 година, наводно составиле записници за прекршок по член 21 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, но ги адресирале на неактивното правно лице и на одговорно лице Д.Ј., иако знаеле за новата регистрација на субјектот кој реално управува со објектот.
Дополнително, третопријавениот А.Т., тогашен командир на Полициската станица Кочани, на 1 и 7 февруари 2024 година, потпишал и одобрил барања за поведување прекршочна постапка против истото неактивно правно лице и истоиот управител Д.Ј., врз основа на записниците на неговите колеги. И покрај тоа, и тој бил свесен дека вистинскиот правен субјект е „ММММ Кафе ДООЕЛ Кочани“, подружница на кабарето „Пулс“, со друг управител.
Според Министерството, со ваквите дејствија тројцата полицајци овозможиле имотна корист за активното правно лице и неговиот управител, што било на штета на законските процедури и јавниот интерес.