На Клиниката за инфективни болести во моментов се лекуваат седум пациенти со потврдена западнонилска треска, од кои двајца се во животозагрозувачка состојба и се на механичка вентилација, соопшти директорот на Клиниката, д-р Фадил Цана.
Станува збор за пациенти на возраст од 66 и 76 години, кои се хоспитализирани на Одделот за интензивна нега. Истовремено, здравствените власти очекуваат резултати за уште тројца пациенти кај кои постои сомнеж за инфекција. Тие биле примени со симптоми на акутно воспаление на мозокот и мозочната обвивка, а примероците се анализираат во Институтот за јавно здравје.
„Во моментов имаме седум лабораториски потврдени случаи, а кај уште тројца пациенти постои сериозен сомнеж дека станува збор за истата инфекција“, изјави Цана.
Тој информираше дека сите потврдени случаи се регистрирани кај жители на Скопје, додека само еден од пациентите неодамна престојувал во Грција. И тројцата пациенти за кои се чекаат лабораториски резултати се од Скопје.
