Тројца научници се добитници на овогодишната Нобелова награда за физика

Извор: Принтскрин од Јутуб видео, објавено од Нобеловата награда

Научниците Сјукуро Манабе (Јапонија/САД), Клаус Хаселман (Германија) и Џорџо Паризи (Италија) се тројцата добитници на овогодишната Нобелова награда за физика, соопшти Нобеловиот комитет.

„Нобеловата награда за физика за 2021 година беше доделена за ‘извонредниот придонес во нашето разбирање на сложените системи’, со една половина доделена на Сјукуро Манабе и Клаус Хаселман за физичкото моделирање на климата на Земјината топка, квантифицирање на варијабилноста и веродостојно предвидување на глобалното затоплување, а другата половина е доделена на Џорџо Паризи за откривањето на меѓусебниот сооднос помеѓу хаосот и флуктуациите во физичките системи, од атомско до планетарно ниво“, соопштија од Нобеловиот комитет.

Тие додаваат дека овогодишните добитници на Нобеловата награда за физика придонеле за подлабок увид во својствата и еволуцијата на комплексните физички системи.

Манабе демонстрирал како зголемените количини на јаглерод диоксид во атмосферата придонесуваат за зголемување на температурата на Земјината топка. Во 1960-тите години тој раководел истражување, со кое се развиле физички модели на земјината клима и неговите научни трудови поставиле основа за развојот на сегашните климатски модели.

По една деценија, Хаселман пак создал модел со кој ги поврзува временските прилики и климата, односно преку овој модел успеал да одговори на прашањето зошто климатските модели можат да бидат веродостојни, и покрај тоа што времето е променливо и хаотично. Клаус Хаселман воедно развил методи преку кои се докажува дека зголемената температура во атмосферата е резултат на емисиите на јаглерод диоксид.

Сјукуро Манабе, роден 1931 година, во моментов е дел од Универзитетот Принстон, додека Клаус Хаселман, роден 1931 година, работи на Институтот за метеорологија Макс Планк од Германија. Џорџо Паризи, роден 1948 година, истражува и предава на Универзитетот Сапиенца во Рим.