Тројца македонски студенти добија половина милион долари за развивање на алатка – Howitzer за маркетинг на Reddit

Фото: dayonecapital.com

Никола Велковски, Стефан Котевски и Томислав Јуруковски се тројцата македонски студенти кои студираат на ФЕИТ, односно на ФОН Универзитетот и кои неодамна добија 500 000 долари pre-seed инвестициски договор за развој на нивна маркетинг алатка.

Venture capital компанијата DayOne Capital или компанија која се занимава со инвестирање во проекти и создавачи за да овозможи светско рангирање за решавање на најразлични проблеми и имплементирање иновации склучи договор од половина милион долари со Никола, Стефан и Томислав за да го потпомогне процесот во развивање на оваа алатка.

Станува збор за алатката Howitzer која работи според принцип на наоѓање и таргетирање на потенцијални корисници на една од најголемите социјални мрежи Reddit и праќање на персонализирани директни пораки до потенцијалните корисни. Уникатното во ова решение е тоа што всушност за прв пат Reddit успешно се користи за органски маркетинг. Howitzer резултира со 40-45 отсто просечна стапка на одговор од страна на корисниците, што е супериорно во однос на останатите канали за директен маркетинг како и-мејл и LinkedIn, кои имаат три и десет отсто просечна стапка на одговор.

Во интервју за иновативност.мк овие млади основачи за својата алатка велат дека во форма на SaaS (лиценциран софтверски модел) продукт ја лансирале кон крајот на март и почетокот на април кога за еден месец успеале да стигнат до 2000 долари месечен приход, користејќи го Howitzer. Подоцна им пристапиле новинари, неколку venture capital компании и ко-основачот на Reddit по што успеале да го склучат договорот за  pre-seed инвестиција од половина милион долари.

„Алатката е наменета за почетници во рана фаза, за маркетери за раст, агенции за дигитален и social media маркетинг, crypto/NFT проекти, претприемачи кои сакаат да си ги валидираат своите идеи и слично. Значи, генерално, алатката е наменета за почетнички компании и претприемачи кои оперираат во одреден niche маркет и целат кон брза и евтина конверзија на корисници“, појаснуваат тие.

Нивните планови за понатамошниот тек на разработување на алатката се истата првично да се развива во фокус на Reddit, но во иднина истиот пристап планираат да го аплицираат на слични платформи и социјални мрежи, како Twitter и Discord.
Младите иноватори целат да станат пионери во директен маркетинг на платформи при што ќе развијат маркетинг алатка која целосно ќе ги опслужува барањата на маркетерите за раст.
Во сторија објавена на официјалната веб страна на DayOne Capital пишува:

„Традиционалните онлајн реклами и стануваат сè посакпи и помалку ефективни, додека Howitzer посочува нов начин да се достигне публика на корисници преку персонализиран и автентичен начин. Користејќи го Reddit metadata, алгоритмот ги изнаоѓа корисниците што се дел од вашата потенцијална публика, ги издвојува и им испраќа пораки со кампањска содржина во директно сандаче.“

„Таргетот е клучен: гледајќи ја активноста на корисник преку различни сабредити, Howitzer ви дава чиста слика за потребите и желбите на вашите корисници. Дојдени сме на позиција кога интернет корисниците стануваат интернет граѓани и кои уште повеќе сакаат да се информираат за она што го користат или купуваат и старите начини на продавање не функционираат добро. Постои нова интернет економија која се развива и за неа се потребни нови алатки кои ефективно ќе пронаоѓаат публика на корисници.“, објаснува Berant Nacsa кој е автор на сторијата напишана за Howitzer.

„Ние сме навистина среќни да станеме партнери со Никола, Стефан и Томи од Howitzer и да ја водиме нивната pre-seed рунда. Заедно целиме да ги прошириме способностите на платформата и да ја аплицираме и на други мрежи како Твитер и Дискорд“, заклучува Бернат.