Во пресрет на локалните избори 2025 година, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Левица ги презентираа своите програми за идниот развој на Скопје, во кои се најавуваат низа проекти насочени и кон подобрување на секојдневието на младите. Партиите најавуваат инвестиции во образованието, културата и менталното здравје на младите. Дел од плановите вклучуваат реновирање на училишта, платена пракса за студенти и создавање мрежа на младински центри во повеќе општини. Преку овие мерки, партиите најавуваат различни пристапи за тоа како младите да добијат повеќе можности за образование, работа и култура во главниот град, со цел да ги придобијат младите гласачи.
ВМРО-ДПМНЕ во својата програма „За нашето Скопје“ го претставува Скопје како град на младите и науката.
Партијата најавува целосно ослободување од комуналии за млади брачни парови при изградба на куќа за домување во општините во градот Скопје кои имаат донесено одлука за ослободување од комуналии на млади брачни парови.
Дополнително ќе се воведува и урбанистичко правило со кое инвеститори ќе мора дел од становите да ги продаваат по регулирани, поволни цени за млади лица и семејства.
Програмата предвидува и дигитални станбени хабови со ко-креативни простори, зелени зони и можности за стартапи.
Во културната и образовната сфера, кандидатот на ВМРО ДПМНЕ и актуелен градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски најавува поддршка за млади уметници, воведување културен ваучер и програма „Година на младите автори“, како и активно вклучување на младите во процесите на урбанистичко планирање преку младински форуми и јавни консултации.
Во делот за образование се спомнува и Вештачката интелигенција, која според програмата, ќе биде вклучена во образованието и ќе биде воведен „AI личен тутор за ученици“, кој ќе служи како образовен асистент достапен преку компјутер или телефон кој одговара на прашања и објаснува лекции.
Во програмата на Орце Ѓорѓиевски, се ветени нови библиотеки како и подобрување на условите во веќе постоечките библиотеки низ градот.
За средношколците, преку „CityGo“ картичките, се ветуваат средства за „младински оброк“, а за првенците на генерација ќе има патување низ Европа како награда за постигнатите резултати.
Кандидатката на СДСМ за градоначалничка на Скопје, Каја Шукова, во својата програма „Скопје за сите“ нагласува дека инвестицијата во младите е инвестиција во иднината на градот. Нејзината визија предвидува краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки насочени кон подобрување на квалитетот на животот и создавање повеќе можности за младите во главниот град.
Меѓу проектите што, според Шукова, може да се реализираат во краток рок или во период од една година, се најавува зголемување на финансиската поддршка за младински проекти и активности за 300 проценти, како и реновирање на училишната инфраструктура и набавка на современа опрема за наставата.
На среден рок (од една до три години), СДСМ планира создавање мрежа на младински центри низ градот, развој на партнерства меѓу училиштата и локалниот бизнис сектор, како и воведување програми за менторство и кариерно насочување со цел младите полесно да се ориентираат кон својата професионална иднина.
На долг рок (повеќе од три години), партијата предвидува изградба на нови современи училишта во брзорастечките населби, дигитализација на наставата и воведување иновативни методи на предавање. Во овој период се планира и спроведување на програмата „Млад граѓанин“, преку која младите ќе можат активно да учествуваат во процесите на донесување одлуки во градот.
Програмата на Шукова најавува и поголема поддршка за културни настани и засилување на соработката меѓу училиштата, универзитетите и приватниот сектор.
Левица со својот кандидат за градоначалник Амар Мециновиќ во програмата „Скопје сега!“ ветува Младински дом во општина Чаир инспириран од моделот на поранешните пионерски домови, како домот „Ибе Паликуќа“. Домот ќе служи како центар за неформално образование, културни активности, младинско организирање и развој на креативни и технолошки вештини.
Во програмата како инвестиција за младите е наведен и технолошки парк кој ќе биде интегриран простор за стручно образование, иновации и практична настава за ученици од средни стручни училишта.
Бесплатен или намален влез во театри, музеи, галерии, фестивали, креативни летни школи со писателски работилници, филмски кампови, џез школи, во соработка со локални ментори се исто така дел од програмата на партијата.
Програма ветува и „вклучување на граѓаните и младите“ преку Граѓански културни совети во секоја општина каде жители предлагаат и гласаат за културни настани што ќе се организираат во нивната околина, програма „Млад куратор“ преку која млади од средни училишта и факултети курираат изложби, концерти и настани како и „Училишна културна недела“ секоја година во мај кога сите училишта ќе организираат театар, музика, ликовни изложби и настани отворени за јавност
Во мандатот од 2025 до 2029 година Левица ветува овозможување на платена пракса за студенти. Во програмата велат дека јавните претпријатија ќе овозможат
стручна пракса и соработка со средните стручни училишта на ниво на Град Скопје.
Најавуваат и иницијатива за соработка со Министерството за локална самоуправа за
изградба на „Младински куќи“ кои ќе служат како простори за проби, настапи, изложби и литературни промоции.
Со објавувањето на програмите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Левица, започна трката за довербата на граѓаните во Скопје. Дел од мерките се однесуваат на подобрување на условите за живот и работа на младите, но останува да се види колку од овие најави ќе се преточат во реални политики по изборите.
