Трите главни награди на „Санденс“ за „Улиште“, филм во македонска копродукција

Промотивна фотографија за филмот „Улиште“

Четврта година по ред, на „Санденс“, (најголемиот фестивал за независен филм во САД), присутен е проект кој е финансиран од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија. Овој пат тоа е „Улиште“ кој е во малцинска ко-продукција на македонскиот продуцент “Црна мачка продукција”.

„Улиште“ на овогодинешното издание на фестивалот ги освои најзначајните награди на годинашниот „Санденс“: Најдобар филм, Најдобра режија и Награда од публиката, информираат од Агенцијата за филм.

Филмот „Улиште“ (Hive) на косовската режисерка Блерта Башоли, каде Северна Македонија се јавува како земја ко-продуцент со поддршка на Агенцијата за филм во 2018 година е всушност копродукција помеѓу Косово, Северна Македонија, Швајцарија и Албанија.

На „Санденс“ во изминатите години земјава беше присутна преку филмовите: во 2018 „Види ја ти неа” на Горан Столевски (наградата Најдобар интернационален игран филм во категорија на кратки филмови), во 2019 година со „Медена земја” (Големата награда на жирито, Најдобар документарен филм и Награда за најдобра кинематографија) и во 2020 година „Налепница” на Георги Унковски на овој престижен фестивал на независен филм ја имаше својата светска премиера.