Тринаесетгодишен ученик во основното училиште „Гоце Делчев“, во тетовското село Порој, завчера вперил пиштол во главата на три години помлад соученик, а потоа со цевката го удрил по лицето.
Како што информираат од полицијата, случајот вчера го пријавил таткото на нападнатиот ученик. Според пријавата, во понеделникот, околу 18 часот, кога неговиот син излегол во училишниот двор, му се доближил 13-годишникот, заедно со уште неколку други ученици, извадил пиштол од џебот и го вперил во главата на момчето, а потоа го удрил со цевката по лицето и си заминал.
Тринаесетгодишниот ученик бил повикан во тетовската полиција, каде во присуство на родител, бил извршен разговор со него. Од момчето полицијата одзела пиштол со калибар 7,65 милиметри, празна рамка и пакување до 25 крушуми од истиот калибар.
Од полицијата засега немаат информации чиј е пиштолот и како се нашол кај момчето, а во врска со случајот во полициска станица на разговор била повикана и 12-годишна ученичка од друго училиште.
„Разговарано е и со неа и, во координација со јавен обвинител, се преземаат активности за расветлување на сите поединости околу тоа чиј е пиштолот и како се нашол кај 13-годишниот малолетник“, информираат од полицијата.