Народната банка на Северна Македонија и поранешното раководство на Еуростандард банка се виновни за нејзиното пропаѓање, вели најголемиот акционер во банката Трифун Костовски. НБРМ е виновна затоа што правела опструкции и не дозволувала банката да биде купена од странски инвеститор, а поранешниот менаџмент затоа што на своја рака правел злоупотреби на капиталот и манипулативни трансакции. Ова на денешната прес-конференција го нагласи Костовски како најголем акционер и поранешен претседател на УО на Еуростандард банка. Тој најави дека ќе поднесе кривични пријави против државата и против поранешниот УО.

Ова доаѓа како реакција откако завчера НБРМ ѝ ја одзеде дозволата за работа на Еуростандард банка поради незаконско работење и побара отворање на стечајна постапка. Бизнисменот Костовски и неговиот син Коста денеска изјавија дека станува збор за смислено сценарио подготвувано со месеци наназад.

„НБРМ имаше бирократско однесување и нетолерантност спрема можните потенцијални инвеститори на Еуростандард банка, комплетно ги маргинализираше. Имавме потенцијален партнер кој потроши околу 100 илјади евра за да направи длабинско снимање, со цел нејзино преземање. За жал, НБРМ не одвои ни 5 минути време за да му даде шанса и да започнат преговори“, изјави Костовски.

Вината за пропаста на Банката ја лоцира и на Управниот одбор против кој најави дека ќе поднесе кривични пријави за злоупотреба на капиталот и на сметките на приватните и правните лица поради манипулативни трансакции.

„Стечајот нема да го амнестира бившото раководство, додека сум жив ќе ги гонам тие лица. Ќе беше полесно и за нас и за клиентите да бевме ликвидирани уште пред една година кога влегоа свежи 10 милиони евра во Банката“, рече Костовски.

Тој додаде дека за стечајот дознал од прес-конференцијата на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и дека неговото семејство има загуба од 60-70 милиони евра од пропаѓањето на Еуростандард банка.