Струшката полиција синоќа, околу 22 часот, кај селото Калишта, на околу 300 метри од брегот на Охридско Езеро, во мал глисер пронашла и запленила 30 килограми марихуана, соопшти денеска МВР.
„Во мал бел чамец, со должина од околу 4 до 4,5 метри, со мотор, врзан со бова, биле пронајдени две црни торби, секоја со 14 пакувања од опојна дрога марихуана, со вкупна тежина од околу 30 килограми“, стои во соопштението на МВР.
Дрогата била подигната од местото и пренесена во полициската станица во Струга за понатамошна постапка.
Од полицијата додаваат дека работат на целосно расчистување на случајот.