Тридневна филмска програма под наслов „Да играме!“ во Кинотека

Фото: Tииит! Инк.

Од 21 до 23 октомври во Кинотеката на Република Северна Македонија, во склоп на јубилејното издание на фестивалот за феминистичка култура „Прво па женско 10“, ќе може да се проследи филмската програма, оваа година под наслов „Да играме!’“. Покрај филмските проекции ќе се одржи и тридневна работилница „Феминистичка филмска играчница“ со Диана Туседо и Кумјана Новакова.

„Оваа година, филмската програма е игралиште, игранка, играчница, игра. Ги доближува имагинарното, возможното, неочекуваното, возбудливото и заедничкото. Така, старото и ограничувачко станува ново и отворено“, информираат од организацијата Тииит! Инк.

Кураторка на програмата е Кумјана Новакова. „Да играме!“ ќе претстави четири аудиовизуелни уметнички дела кои предлагаат многу различни форми на филмска игра, и доаѓаат од авторки со многу различни интереси и филмски јазици.

Во склоп на филмската програма отворена е и можност за учество на работилницата „Феминистичка филмска играчница“ со Диана Туседо и Кумјана Новакова, на која учесничките и учесниците ќе имаат прилика да се вклучат во дискурзивна програма фокусирана на феминистичките перспективи во филмот. Работилницата е наменета за полнолетни лица (+18). Сите заинтересирани можат да испратат основни информации до 20 часот во четврток, 20 октомври на следниот линк: https://forms.gle/ZLvWPHgcbV5ic8os9