Трибина на КИЦ по повод 100 години од раѓањето на Блаже Конески и Денот на македонскиот јазик

Културно-информативниот центар–Скопје (КИЦ) организира трибина на тема: „Блаже Конески денес“, по повод 100 години од неговото раѓање, како и одбележување на Денот на македонскиот јазик, 5 мај.

На трибината која се одржа во паркот пред КИЦ, за ликот и делото на Конески се зборуваше во потесна и во поширока смисла. Во потесна смисла: она што претставува неговото творештво денес во македонската општествена, културно-просветна и научна стварност, како стимул и корпус. Во поширока смисла: како влог во една воспоставена лингво-поетичка традиција во македонистиката, од која произлегува препознатлива лингвистичка школа, која со право го носи неговото име: Школа на Блаже Конески.

На настанот говореа Димитар Пандев, Бобан Карапејовски и Бојан Петревски, а трибината ја отвори Љубица Јанчева, претседател на Советот на Град Скопје.

Таа рече дека Блаже Конески претставува модификатор на современиот македонски јазик и е творец на македонската духовна култура. Тој е централна фигура на нашата национална традиција во втората половина од 20 век, со сите негови неповторливи дела во сите сфери на лингвистиката.

„Конески има ненадминливо значење за културата на македонскиот народ со своите научни и уметнички достигнувања, во кои ја користи традицијата на народот, тој е личност која остави најсилен печат на нашето современо живеење и наш знак на распознавање во светот“, рече Јанчева.

Според литературниот критичар Димитар Пандев, Конески кој ја создаде македонската граматика во 1952 година, и кој се испробал во сите литературни стилови, имал моќ да го сплоти македонскиот народ со македонскиот јазик и да го постави на највисоко литературно рамниште, со што може да се смести во рангот на најголемите светски лингвисти.

Професорот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Бобан Карапејовски цитирајќи делови од поезијата и од прозата на Конески, како и негови мисли, посочи дека македонскиот народ преку делата на Конески, за прв пат ја сознал сопствената национална култура. Бојан Петрески, од истиот факултет, говореше за тоа дека за Конески, зборот бил основен медиум за комуникација, а неговите дела претставуваат ослободување на говорот од клишеа. Поезијата на Конески, според Петрески, носи нешто ново и има во себе уметничка порака, да видат луѓето дека не се само тие осамени.