Во сообраќајна несреќа која се случила денеска, околу 14.30 часот, на патот Гевгелија – Богданци, животите ги загубија тројца млади жители на Богданци, а еден е повреден, дознаваме од одделот за односи со јавноста на МВР и од Општа болница – Гевгелија.
Се судриле автомобили „ауди-3“, управуван од 20-годишниот Б.Џ. од Богданци, и „форд фиеста“, управуван од 40-годишниот Љ.П. од Кавадарци. Животите во несреќата ги загубиле 20-годишниот М.Ш. и 17-годишната К.П., и двајцата од Богданци. Тие биле сопатници во „аудито“. Двајцата возачи биле пренесени во Општата болница во Гевгелија, при што возачот на „аудито“, како што за „Мета“ објасни дежурниот хирург во гевгелиската болница, бил во кома и имал тешки повреди, a и покрај сите напори, по повеќе од еден час бил прогласен за мртов.
– Беше донесен некаде по 15 часот во коматозна состојба, со тешки повреди. Презедовме сè можно за реанимација, и повеќе од еден час, но напорите беа залудни и повредениот беше прогласен за мртов околу 16.15 часот – вели дежурниот хирург во Општа болница – Гевгелија.
Тој објасни дека другиот возач, откако му се санирани повредите, кои не биле многу тешки, е упатен на здравствена нега во Здравствен дом – Кавадарци.