Судскиот совет на 377. седница го разреши судијата Горан Бошевски од Кривичниот суд Скопје, a oбразложението за неговото разрешување е поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција и времено е оддалечен од вршење на судиската функција.
Поради неговото разрешување, три судски случаи кои ги започна Специјалното јавно обвинителство, а ги презема Јавното обвинителство, се враќаат на почеток.
Бошевски го одолговлекуваше судењето „Траекторија“ за кинеските автопати, во кој обвинет беше поранешниот премиер Никола Груевски, и поради тоа му застаре делото на Груевски, па обвинети останаа Миле Јанакиески, Владимир Пешевски и Љупчо Георгиевски.
Во случајот Талир 1 обвинети се Груевски, поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски и Јанакиески, кои се товарат за „злоупотреба на службената положба и овластувања“ и „перење пари“, како и Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска, обвинети само за делото „перење пари“. За истото дело, како правен субјект со обвинението опфатена е и политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Во случајот „Шпански скали“ освен Миле Јанакиески, обвинети се Димитар Димовски, Билјана Дејановска-Димитровска, Виолета Самарџиска, Анета Јорданова, Дејан Митевски, Емилија Радојкова, Снежана Крстевска, Ристо Папазов, Лидија Смиљановска и Марјан Јованов.
Според обвинението сите обвинети се товарат дека со незаконската продажба на парцелите пред зградата на ЕВН на скопскиот плоштад ја оштетиле државата за 2,6 милиони евра.