ТРИ: Првата професионална детска претстава на знаковен јазик ја покажува и еко-катастрофата

Веселите Лила, Розе, Синка и Sвонко Бонбонко од ATO утре ќе ја дочекаат публиката на првата професионална претстава на знаковен јазик со детската претстава ТРИ. Премиерата во битолскиот Центар за култура ќе биде утре 29 октомври во 18.00 часот.

Фото: АТО

Претставата ТРИ е наменета е за широката детска публика и истовремено за децата кои се глувонеми и наглуви. Актерите Никола Пројчевски, Маја Андоновска-Илијевски, Анастазија Христовска и Сандра Грибовска кои улогите ги подготвуваа со помош на толкувачката на говорен јазик Сузана Станоевска за време на обуката ги научија основите на знаковниот јазик и азбуката. Ти велат дека процесот на работа не бил едноставен, но бидејќи е наменета за деца, речникот на знаци и знаковни букви не бил многу голем.

Преку претставата ТРИ, која режизерот Јован Ристовски ја работеше по легендата на Марко Цепенков за овчарот и трите самовили публиката ќе има можност одблиску да се запознае со знаковниот јазик, градејќи капацитети и свест дека меѓу сите нас има и луѓе со оштетен слух и говор.

„Но освен тоа што е на македонски и на знаковен јазик претставата ја покажува и еко-катастрофа која се случува поради глобалното затоплување, вишокот на ѓубре, загадувањето на воздухот, водата, почвата, храната“, изјави режисерот Ристовски на прес-конференција.

Со оваа едукативна претстава освен што децата се едуцираат на знаковен јазик, тие ќе научат и многу како да селектираат смет и да се грижат за животната средина. Ристовски, идејата да направи претстава за деца на знаковен јазик ја добил кога го режирал Интернационалниот детски музички фестивал „Тра-ла-ла”во 2010. На овој фестивал вокален девојче од Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух и говор од Битола превело вокален монолог на знаковен јазик.

Покрај едукацијата за знаковниот јазик и развој на еколошката свест кај децата, режисерот со овој проект сака да постигне уште една цел. Според него со ваквиот пристап, во театарската уметност ќе се отворат нови и стари прашања за актерската дикција, дијалектите што провејуваат низ театарските сцени, говорот на актерите, јасноста, дикцијата и говорот на новинарите по медиумите и како се грижиме за сопствениот јазик.

Претставата е во продукција на АТО – Центар за современа уметност и култура од Битола, а е поддржана од Германското здружение за меѓународна соработка (ГИЗ).