Случаите со несреќата кај Ласкарци, со пренатрупаноста со патници во автобусите и со запалениот македонски автобус во Црна Гора, го активираше алармот дека безбедноста на меѓуградскиот превоз е загрозена. За да се избегнат ваквите ситуации во иднина и да се зголеми безбедноста во сообраќајот, експертите препорачуваат три измени во постапката за проверка на исправноста на автобусите, а пак превозниците предлагаат казни за превозниците и станиците за технички преглед со ист сопственик, пренесува Порталб.мк.

Јетмир Алиу, сообраќаен инженер, вработен во Секторот за сообраќај и патишта во општина Гостивар забележува неколку пропусти во меѓуградскиот превоз. Според него, првиот пропуст во регулативата е во делот на издавањето дозволи за одржување на линиски превоз на автобуси стари до 10 години. Оваа регулатива треба да се промени во делот на просечната старост на автобусите.

– Ако се понови, нема да има потреба за повеќе средства за амортизација, а компаниите кои вршат превоз ќе може да бидат порентабилни – вели Алиу.

Вториот пропуст на кој посочува тој е можноста техничката исправност на автобусите да се врши од станици за технички преглед што се во сопственост на приватни автотранспортни компании, што остава простор за манипулација. Има сомневања дека ова се случило и со автобуската несреќа кај Ласкарци, за која Кривичниот суд веќе го прифати обвинението.

За да се избегнат ситуациите со манипулација и да се зголеми безбедноста во меѓуградскиот превоз, сообраќајниот инженер Јетмир Алиу дава три предлози. Првиот е проверката на техничката исправност на автобусите да не се врши во редовната станица за технички преглед на тој автобус, туку во друга станица.

– Можеби би било подобро Министерството за внатрешни работи да отвори своја станица за технички преглед. Треба да се размислува во таа насока – посочува Алиу.

Тој предлага и полициските патроли да ја потврдат исправноста на автобусот на лице место преку мерење на активната безбедност. Во случај на вонредна контрола, полицијата не треба да ги праќа автобусите во истата станица каде била извршена техничка контрола.

– Ако полицијата забележи дека станицата за технички преглед не ја завршила работата правилно, и ако за истиот автобус во друга станица се утврди прекршок, тогаш и превозникот и станицата за техничка контрола треба да се казнат истовремено – одлучен е Јетмир Алиу.

Од компанијата „Руле турс“ се согласуваат со ваквиот предлог на Алиу.

– Може да се случи станиците и автобусите да имаат ист сопственик, и едноставно не ги проверуваат и ги евидентираат како исправни – велат од Службата за односи со јавност на „Руле турс“.

Во ваков случај, превозникот „Руле турс“ бара да се казнат и станицата за технички преглед и автотранспортната компанија, особено ако се знае дека двата субјекта имаат ист сопственик.

Според актуелниот Правилник за условите што треба да ги исполнуваат автобусите, меѓуградскиот превоз на патници се врши со возила што не смеат да бидат постари од 10 години. Тестирањето на автобусот се врши на секое две години, а сопственикот на возилото го доставува сертификатот до Министерството за транспорт и врски.

Покрај недостатокот на безбедност, меѓуградскиот автобуски превоз се соочува и со други проблеми. Поради тоа што нема доволно соодветни и чести линии, во автобусите се качуваат повеќе патници од бројот на седишта во нив. Додека некои компании дозволуваат нивните автобуси да се преоптоварат со патници, има и други фирми што не го дозволуваат ова, оставајќи ги патниците на станица, иако купиле билет за патување.

Во Северна Македонија има 996 автобуси за превоз на патници во меѓуградски и меѓународен превоз, но и само 15 инспектори кои вршат контрола на спроведувањето на законите при вршењето на автобуски транспорт. Иако бројот на автобуси во последниве 10 години е зголемен за 50 отсто, бројот на патници е намален.