Киево-печерска лавра. Фото: Wikimedia Commons/Falin, CC-BY.

Во манастирот Киево-печерска лавра, кој се наоѓа во главниот град на Украина, биле пријавени 17 новозаболени со Ковид-19, изјавил градоначалникот Виталиј Кличко на 6 мај, пренесува LB.ua.

Според „Украинска правда“, украинскиот министер за здравство Максим Степанов на конференција за печат наредниот ден појаснил дека новите случаи на инфекција се луѓе кои биле во контакт со претходно заразените во манастирот, кој заради карантин е затворен за јавноста скоро месец дена.

„Сите седумнаесетмина се луѓе кои биле во контакт со пациенти кои заболеле пред две-три недели. Тие моментално се наоѓаат во самоизолација“ – изјавил министерот Степанов.

Според јавно достапните податоци објавени од Vesti.ua, до 17 април во Киево-печевската лавра од здравствени компликации поврзани со зараза со Ковид-19 починале тројца монаси.

Киево-печерската лавра е историски православен христијански манастирски комплекс основан 1015 г. Тој е под контрола на Украинската православна црква – Московска патријаршија (УПЦ-МП), која е под јурисдикција на Руската православна црква (РПЦ). Со дел од комплексот, кој е под заштита на УНЕСКО како дел од светското културно наследство, раководи и Државниот музеј на Украина.

На 5 април манастирот бил ставен во карантин по откривањето на инфекција со корона-вирусот меѓу братството.

На 14 април украинскиот претседател Владимир Зеленски изјавил дека на територијата на Киево-печерската лавра се утврдени над 100 случаи на инфекција со Ковид-19.

На 26 април рускиот веб-сајт РБК известил дека во манастирот се заразени „сите свештеници“, но набргу потоа митрополитот Климент, претставник на УПЦ-МП објавил демант, објаснуваќи дека од стотината инфицирани, голем дел веќе оздравеле.

Ковид-19 е забележан и во други верски светилишта во Украина. На 18 април од последици на пандемијата во Почавската успенска лавра починал многупочитуваниот игумен Аверикиј. Овој манастир, кој е втор по големина во земјата и најголем во Западна Украина, е исто така под контрола на УПЦ-МП.

Во Украина, покрај испоставата на РПЦ, функционира и Православната црква на Украина (ПЦУ), чија автокефалност е признаена од Цариградската патријаршија. Синодот на ПЦУ како реакција на пандемијата уште на 18 март има објавено измена на правилата за богослужба во насока на ограничување на контакт меѓу присутните и користење прибор за една употреба (хартиени/пластични чаши или лажичиња).

Според податоците од СЗО пренесени од Универзитетот Џонс Хопкинс, до 12 мај во Украина има официјално евидентирано 16.023 лица заразени со Ковид-19, од кои 425 починале.

Земајќи го предвид ширењето на дезинформации поврзани со верски заедници во Република Северна Македонија, особено опасните научно непотврдени наводи дека верници не може да се заразат со Ковид-19 при верски обреди или при посета на религиозни објекти, „Мета.мк“ пренесува дефицитарни вести од светот кои содржат факти поврзани со овие прашања.