Бројката на возачи што учествувале во сообраќајки под дејство на алкохол нагло растел во последните пет години, покажуваат статистиките на Министерството за внатрешни работи.

Од 2014 до 2018, бројката на сообраќајни несреќи во земјава во кои учествувале возачи што управувале возила под дејство на алкохол, пораснал за отприлика 4,3 пати.

Така, ако во 2014 година се регистрирани 86 такви случаи, веќе следната година оваа бројка пораснала за 123.

Но, во следното 12-месечје доаѓа до огромен скок – регистрирани се дури 332 сообраќајки со пијани возачи. Во 2017 година таа бројка паѓа на 300, а во 2018 година е повторно забележан пораст, односно имало 361 таква сообраќајка.

 

Бројките покажуваат дека возачите во земјава сè почесто решаваат да седнат зад воланот додека се „под гас“. Тоа го поткрепуваат и статистиките за извршени алкотестирања, што Мета.мк ги доби од МВР.

Така, иако во поглед на законските и подзаконските одредби за контрола на возачите за присуство на алкохол, опојни дроги и психотропни супстанци, од 2015 до 2018 нема измени, бројките за извршените тестирања со „дрегери“ исто така покажуваат големи отскоци. Имено, ако во 2015 година на териториите на сите СВР-а се направени 61.177 вакви тестирања, следната година таа бројка е речиси 10.000 помалку, односно 53.653, а во 2017 година паѓа на 23.966.

Тоа е поради фактот дека многу дрегери се расипувале, а не се набавувале нови.

Во 2018 година имало 46.033 испитувања за алкохол и дроги, а како што од МВР објаснија за Мета.мк, тој пораст во однос на 2017 година се должи на набавката на нови „дрегери“.