Во Кочанската болница во тек е реконструкција на одделението за физикална медицина, на вкупна површина од 350 квадратни метри, која според Владата, треба да заврши во наредните три до четири недели.
Реконструкцијата опфаќа поставување на нови прозорци, електрична инсталација, како и нова водоводна и канализациона мрежа.
Паралелно со градежните зафати, се реконструира и хидрантската мрежа, која досега била нефункционална.
„Ова не е само реконструкција – ова е јасен сигнал дека Кочани добива системска грижа“, беше посочено од портпаролката на Владата, Марија Митева на денешната прес-конференција.
Дополнително, надлежните информираа и за подобрувања во одморалиштето во Пониква, каде што од утре ќе се примаат пациенти повредени во трагедијата во Кочани. Известуваат дека се поставени комарници, извршена е дезинфекција, дезинсекција и дератизација, вклучително и на шахтите околу објектот, во координација со Центарот за јавно здравје Кочани.
„Институциите денес имаат системски пристап и вложуваат во инфраструктура, безбедност и достапност на здравствениот систем“, нагласија од Владата.
Реконструкцијата започнува три месеци по трагедијата во импровизираната дискотека „Пулс“, кога животот го загубија 62 претежно млади лица, а 200 беа повредени. Најголем дел од нив се лекуваа во странски болници, но пов враќањето потребна им е помош која локалната болница тешко може да ја пружи. Ремонтот на болницата исто така се одвива во време кога локалните власти започнуваат со реализација на повеќе проекти, во очекување на претстојните локални избори во октомври.