fbpx

Три лица загинаа во ноќните напади со дронови врз регионот на Кијив

„Над 20 ирански камиказе-дронови, плус проектили, бројни инциденти со гранатирање и тоа е само во последната ноќ на рускиот терор против Украина“, напиша претседателот Володимир Зеленски на Твитер

-

Три лица загинаа, а седум други се ранети во нападите на руски беспилотни летала во текот на ноќта врз регионот на Кијив, соопштија украинските власти, пренесе Ројтерс.

Регионалната воена управа на Кијив на својот канал Телеграм објави дека е оштетен „цивилен објект“ и дека спасувачите сè уште работат на местото на настанот.

Официјални лица рекоа дека повеќе од 100 работници и 28 возила се распоредени на местото на нападот и дека потрагата по преживеани продолжува по нападите, за кои украинската војска рече дека вклучува беспилотни летала Шахед од иранско производство.

„Над 20 ирански камиказе-дронови, плус проектили, бројни инциденти со гранатирање и тоа е само во последната ноќ на рускиот терор против Украина“, напиша претседателот Володимир Зеленски на Твитер.

Сугерирајќи дека Русија не сака мир во Украина по речиси 13 месеци војна, тој рече: „Секогаш кога некој се обидува да го слушне зборот „мир“ во Москва, таму се дава друга наредба за такви криминални напади“.

Нападот го коментираше и амбасадорката на САД во Украина Бриџит А. Бринк.

„По сите разговори во Москва вчера, повеќе руски ракети и повеќе напади со беспилотни летала врз цивили во текот на ноќта, совршено јасно покажуваат колку претседателот Путин е заинтересиран за праведен мир или за крај на војната што ја започна“, напиша Бринк на Твитер.

Регионалната воена управа на Кијив претходно во средата објави дека седум лица биле ранети во најновите напади на руските сили.

Украинската војска соопшти дека соборила 16 од 21 беспилотно летало лансирани врз Украина во текот на ноќта од Русија.

Русија досега не ги коментираше најновите извештаи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.