Три лица се убиени, а уште едно беше рането во четвртокот во пукање во град во австралиската сојузна држава Нов Јужен Велс, пренесува „Асошиејтед прес“.
Итните служби биле повикани на една адреса во Лејк Карџелиго, град со околу 1.500 жители, по пријави за пукање, се наведува во полициското соопштение.
Три лица, односно две жени и еден маж починале, а друг маж бил пренесен во болница во сериозна, но стабилна состојба. Напаѓачот или напаѓачите сè уште се во бегство.
Полицијата испратила гео-таргетирани текстуални пораки со кои го повикала населението да ја избегнува областа и ги повикала локалните жители да останат во своите домови и да бидат достапни за контакт.
