Извор: Влада на РСМ

Преспанскиот е историски договор којшто го реши тридеценискиот спор со Грција, напиша денеска премиерот Зоран Заев по повод три години од неговото потпишување на 17 јуни, 2018 година.

„Со тогашниот премиер Ципрас си рековме дека нема да го ставиме процесот во кутијата на црвените линии. Така прават пријателите, насочени кон решение, кон компромис. И дојдовме до решение. Тогаш кога сите тврдеа дека тоа е – невозможно!

Ставивме крај на еден спор. Ставивме крај на повеќегодишните разлики што издигнаа ѕид кој ги отежнуваше пријателски односи меѓу соседите“, напиша премиерот Зоран Заев на Фејсбук.

Три години по потпишувањето на Преспанскиот договор, земјава има комплетирана лична карта во ОН. Покрај името Република Северна Македонија, за јазик стои: македонски јазик, а за државјанство: македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, напиша Заев, додавајќи дека Република Северна Македонија стана и 30-та полноправна членка на НАТО.

И поранешниот грчки премиер и лидер на СИРИЗА, Алексис Ципрас не ги штеди пофалните зборови за потпишувањето на Преспанскиот договор. Во интервју за новинската агенција МИА, Ципрас вели дека со Преспанскиот договор ја принудивме ЕУ да го одмрзне процесот на проширување, да ја зајакне својата улога во регионот и да даде зелено светло, не само за Северна Македонија туку и за Албанија.

„Покажавме дека прогресивните сили навистина можат да го сменат светот и дека е изводливо изнаоѓањето заемно прифатливи договори, доколку постои почитување. Меѓусебно почитување и почитување на меѓународното право. Не беше лесно за мене и за Зоран, ниту за Никос Коѕијас и Никола Димитров“, изјави поранешниот премиер Ципрас.

Тој додаде дека, за жал, веќе подолго време гледаме тенденции за враќање во минатото со замрзнувањето на Меѓувладината конференција од страна на Бугарија.

„Единствено можам да кажам е дека колку и да е тешко, пријателот Бугарија, треба да најде, како што најдовме ние, политичка волја за заемни прифатливи решенија што нè водат напред, наместо да нè затвораат во минатото“, порача Алексис Ципрас.

Македонската опозиција пак на тригодишнината од Преспанскиот договор со забелешка дека земјава не ги почнала преговорите со ЕУ.

Алијанса за Албанците изразува жалење што дури и по три години, главната цел на Договорот од Преспа сè уште не е постигнат, додека не се чувствува ниту духот на овој документ. Нашата земја е сè уште далеку од отворање разговори со ЕУ, иако за три години, Владата ги излажа граѓаните најмалку три пати.

„Како и во првите денови, со поддршката на Договорот и гласањето на уставните измени, кога нашите гласови беа одлучувачки, Алијанса за Албанците ќе продолжи да придонесува за реализацијата на овој договор“, се наведува со соопштението на Алијанса за Албанците.