На повеќе од 500 локации во 80 општини низ целата земја од петок до недела ќе се спроведе „Генералка викенд“, една од најголемите акции за собирање отпад и подигнување на еколошката свест кај граѓаните. Настанот ќе биде отворен на 8 мај со акцијата на Град Скопје за чистење на кејот на реката Вардар на потегот од реката Лепенец до мостот „Киро Глигоров“ каде осум тимови ќе бидат распоредени на северната и јужната страна на реката. Во соработка со „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“ ќе бидат мобилизирани стотици волонтери од приватни компании, институции и училишта за да ја исчистат најголемата зелена и рекреативна зона во главниот град.

Акцијата ќе продолжи и во следните два дена, а ќе се чистат у диви депонии во Националниот парк „Шар Планина“, предводени од 20 припадници на АРМ, чувари на Националниот парк, експертски тим на австриската компанија за управување со отпад Саубермахер и локалното население. Еко акцијаќе биде организирана и во Охрид за заштита на крајбрежјето, во соработка со студенти и професори од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Општина Охрид и други организации.

Преку соработката меѓу Министерството за образование и наука и УНИЦЕФ, ќе се спроведе и еко-образовна програма „Еко час“ во училиштата низ целата земја.