Во очекување на најавеното затворање на главниот довод на вода овој викенд, како и во недостиг на прецизни информации околу целиот случај, скопјани деновиве панично купуваат флаширана вода за пиење. Тоа се случува во услови кога точно две недели стотици метри кубни вода секојдневно се излеваат од дефектот на улица „Никола Парапунов“ во Карпош 4 заради кој и наводно се сопира водата во Скопје.
Дел од медиумите цитирајќи анонимни извори во ЈП „Водовод и канализација“ најавуваат дека поради оваа санација, вода ќе немаат сите населби од кружниот тек во општина Ѓорче Петров, па до село Зелениково, кои се наоѓаат на десната страна на Вардар.
Во меѓувреме, празните рафтови во маркетите во Скопје ја отсликуваат паниката. Мета.мк денеска посети неколку маркети низ градот, каде забележавме масовно купување на флаширана вода за пиење.
Во маркетите што ги посетивме, а важат за поевтини, рафтовите се целосно испразнети и нема пакети флаширана негазирана вода, а ниту пак, во продажба има шишиња со вода од 1,5 литар па нагоре. Вработените потврдија дека немаат останати пакети ниту во магацините.
Поголемите ланци на маркети, пак, имаа вода на залиха, но не во големи количества. Она што го забележавме е дека речиси сите потрошувачи кои чекаа ред на касите имаа барем по едно шише вода во нивните кошници.
Вработените со кои поразговаравме ни рекоа дека продажбата на вода е значително зголемена од средата наваму, а освен обична вода зголемена е продажбата и на минералната вода.
Oна што за сега е останато исто како и претходно, е цената на флашираната вода. Таа не е покачена ниту во трафиките и помалите продавници низ центарот на градот. И тие имаа вода за купување, но во помали количини. И таму вработенбите ни рекоа дека деновоиве има зголемено купување флаширана вода.
Зафатот на главниот довод на водоводната мрежа, според неофицијалните најави на ЈП „Водовод и канализација“ ќе започне во петок (20 декември) во 22 часот, а не се знае колку време ќе трае. Според изјавата на градоначалничката Данела Арсовска од пред неколку дена, прекинот „нема да трае ништо повеќе од една редовна санација на кој било декефт кој што го имаме во градот“. Според нејзе, целата интервенција „апсолутно ќе биде завршена во текот на едно деноноќие“.
Градот Скопје и директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Тони Миновски не одговараат на прашањата на новинарите во врска со деталите за зафатот.