Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалоци и тутун побара средба со Владата на која ќе се разговара за одлуката за ограничување на маржите до 30 април, со опфаќање на основните прехранбени продукти, детергентите и бебешката храна. Компаниите членки на новата Комора сметаат дека со оваа одлука ќе биде доведен во прашање опстанокот на компаниите, како и дека ќе мора да отпуштаат вработени, да го реструктурираат работењето и да затвораат маркети. Тие бараат да се контролираат не само нивните, туку и маржите на производителите и добавувачите.
„Штетите ќе бидат големи, бидејќи во прашање се доведува опстојувањето на 86 трговски фирми, со 790 продавници и 4700 вработени. Нашето опстојување е оптоварено и со останатите давачки, како на пример: цената на електричната енергија јануари 2024 – јануари 2025 е зголемена за 72 отсто, а на дистрибуцијата за 25. Платите, во 2024 споредено со 2023 година се зголемени околу 20 отсто, а од март ќе има ново покачување. Со 10 отсто бруто-маржа, не можеме да ги покриеме оперативните трошоци, кои се движат од 15-20 отсто“, велат од Комората.
Од таму инсистираат на средба за да се најде заедничко решение, бидејќи како што тврдат, маркетите не се одговорни за зголемувањето на цените и никогаш не ги зголемуваат самостојно, туку промената се случува поради промените на цените на производителите или доставувачите.
„Само во јануари до маркетите се пристигнати ценовници од над 40 доставувачи и производители во 92 категории и поткатегории производи. Профитната маржа кај маркетите од година во година опаѓа, а кај нив се зголемува. Проблемот треба да се реши трајно, да се направи контрола за заработката и маржата од производителите и увозниците и на крај трговците“, бараат од Комората.
Во меѓувреме, по најавите на премиерот Христијан Мицкоски дека органите на прогонот ќе извршат проверки за наводното прекршување на Законот за нефер трговски практики, од Државниот пазарен инспекторат за Мета.мк информираат дека се направени контроли во маркетите, како и дека и освен кај трговците на мало, се вршат контроли и кај добавувачите, увозниците и производителите. Но, не одговараат какви се резултатите од ваквите проверки. Велат, прават суштинска анализа на профитните маржи.
„Се прави суштинска анализа на бруто профитната маржа, а надзорите се во согласност со Законот за трговија и Законот за заштита на потрошувачите. Се прави анализа на цените во период од септември 2024 година заклучно со јануари 2025 година. На последната средба одржана во Влада, беа договорени понатамошни насоки односно засилени контроли на терен и спречување на евентуални злоупотреби и прекршувања на законите од страна на трговците. По завршување на контролите и целосно изготвување на анализите, доколку има неправилности ќе следуваат и законски мерки“, посочуваат од ДПИ.
На последната владина седница, Владата го задолжи Министерството за економија да донесе одлука за ограничување на маржата во трговија на мало за десет отсто и на трговија на големо, исто за десет отсто. Велат, опфатени се основните прехранбени производи на истите 73 групи на производи како и при претходните мерки, а беше најавено дека листата ќе се дополни со средства за хигиена како што се детергентите, како и со бебешката храна и други непрехранбени производи.
Премиерот Мицкоски изјави дека очекува големо намалување на цените на производите во супермаркетите со ограничувањето на продажните маржи до 10 отсто. Тој информира дека добиле исцрпни информации од министерот за економија и труд и од извештајот од Државниот пазарен инспекторат, според кој, кај трговците на мало е утврдено дека има над 20 отсто маржа на основните прехранбени производи и над 30 отсто маржа кај средствата за лична хигиена. Кај увозниците наводно биле евидентирани маржи дури и до 50 отсто.