Тргачевски (Е-Ликејон): Со подкастот ги поместувам границите на размислување за да дојдам до суштината

Фото: Принтскрин

Духовно деградирачки се информациите што се пласираат во јавноста без некоја реална суштина, а голем дел од нив и се повторуваат. Мојот подкаст е бунт против тоа, а целта е да создадам платформа. Всушност, јас сум задолжен за техничкиот дел, јас сум каналот, а луѓето што доаѓаат кај мене го градат самиот подкаст, вели деветнаесетгодишниот Петар Тргачевски, автор на подкастот Е-Ликејон.

„Подкастот е широк, долг медиум кој си бара внимание и посветеност. Затоа и така ги правам епизодите, една оригинална со целиот разговор и повеќе мали инсерти со клучни поенти од соговорниците. Тешко е да се пробие подкаст кај нас. Мнозинството нема концентрација и не е научено да седи и слуша бидејќи со тоа се прави жртва. Во споредба со Нетфликс, подкастот не е толку релаксирачки, па дури и внимание-зграбувачки би рекол“ изјави Тргачевски за Мета.мк, при што додава дека подкастот е парче од времето посветено на работа на себе и отворање на умот за друга идеја.

Тргачевски вели дека својот Ликејон го наоѓа секаде и не може да го прецизира во еден простор, бидејќи тој порив да поставува прашања и да истражува во непознатото најверојатно го носи со себе.

„Дефинитивно подкастот менува нешто во мене. Јас сум својот Ликејон, односно мојот Ликејон е во мојата глава“ дециден е тој.

Во неговите, досега девет објавени епизоди може да се слушнат разговори со најразлични соговорници, меѓу кои музичари, поети, професори, уметници, но заедничко за сите интервјуа е што низ нив се провлекува филозофска нишка на темите кои се разговараат. Тргачевски е задоволен ако луѓето ја препознаваат таа филозофска нота бидејќи како што изјави, луѓето се научени да читаат и восприемаат површни информации, токму како на познатата слика на Зигмунд Фројд со сантата мраз.

„Немам критериуми за изборот на гости, субјективна е целата работа, она што емотивно сакам да го пренесам на публиката. Ако ги разгледате и слушнете подкастите, половина од нив се со млади луѓе, а останатата половина со повозрасни соговорници. Со првите разговарам и разменувам идеи, а од вторите и те како учам. Во глава имам една ризница на луѓе коишто сум ги видел некаде и на некој начин ме привлекуваат, имаат идеи. Кај нив има нешто што сакам да го истражам повеќе. Дај да ѕирнеме малку подлабоко, дај да ги прошириме тие идеи“ порачува тој.

Не сакаше да открие имиња на личности кои би сакал да ги интервјуира, но сака да покани луѓе и со нив да отвора теми, кои тие обично не ги споделуваат со останатите, особено за субјективни чувства кои не се докажуваат со факти.

Подкастот е парче од времето посветено на работа на себе и отворање на умот за друга идеја, вели Тргачевски / Фото: Принтскрин од подкастот со професорот Душко Стојановски

Младиот Тргачевски вели дека не е „маркетиншки мастер“, па затоа и не сакаше да ја оцени заинтересираноста на публиката за подкасти, но верува дека кај неговите врсници има сериозен потенцијал за интересирање за идеи.

„Верувам дека секој човек има потенцијал да препознае добра идеја и да се поврзе со неа, но проблемот е да се пронајде таа природа на медиумот и моментот на реализација на идејата“.

Неговата реализација пак, траела два до три месеци од физичка подготовка на просторот, до првата емисија. Тој вели дека глатко се одвивал целиот процес, иако најголем предизвик биле финансиите.

„Јас и онака си гаам столарски занает, па на тој начин го опремивме местото. Успеавме да искречиме сами, да го уредиме просторот, да додадеме декорации, мебел итн. Ова не е идеалниот начин на кој се снима и се изведува подкаст, тоа се гледа и по квалитетот. Многу е партизански, но е нешто, е почеток. Ги надминуваме предизвиците полека“ низ смеа, раскажува Тргачевски, за подкастот кој е „колектива операција“ што се снима во студио во домот на негов пријател.

За епизодите ќе каже дека се импровизација од емисија до емисија, а целиот процес го нарекува интуитивен.

„Нема ритуали, сè уште експериментирам, па затоа и подготовките не се спектакуларни, туку интуитивни. За некои емисии не ни подготвувам прашања и тоа може да се забележи во одредени епизоди. Пробувам да се ставам во кожата на соговорникот и да се обидам да го натерам самиот да каже нешто за кое нема потреба да му поставам прашања“.

Но да се помине низ целиот процес на дискусија и размена на мисли, идеи и ставови, со себе носи и промена. Чувството после плодна дискусија на подкаст, Тргачевски го опишува со два збора „допамин“ и „прекрасно“ и токму поради размената на енергии, истото не може да се опише, туку може само да се доживее.

„За тоа чувство што се појавува кога ќе исклучиме снимањето, за тоа го правам подкастот. Постојано ги поместувам сопствените граници на размислувања, затоа и сметам дека особено младите треба да поминат низ еден вид филтрација за да ги пронајдат сопствените приоритети и она внатрешното што си бара своја реализација. Но тоа да не биде мотивирано само од индивидуален порив, туку секогаш да има една нота на заедница, да се размислува и за луѓето околу себе“, заклучува младиот автор на подкастот Е-ликејон.