fbpx

Трет ТВ-дуел меѓу Заев и Мицкоски, во фокусот пожарот и одговорноста за тетовската ковид болница

-

Двајцата лидери на најголемите партии во земјава, Зоран Заев и Христијан Мицкоски вчера вечер на телевизија Канал 5 се соочија во третиот по ред телевизиски дуел меѓу нив, на кој во фокусот беше темата за пожарот и одговорноста за тетовската ковид болница.

Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев на дебатата повтори дека одговорноста кај владата е голема, но за да ја донесе одлуката за дадените оставки на министерот за здравство Филипче, заменик-министерот Хасани и директорите на тетовската болница ќе ги почека резултатите од истрагата.

„Се работи за министер и заменик-министер за здравство. Во услови на пандемија сработија сериозни предизвици, да се справат со пандемија, со сите предизвици на непознатото, пандемијата сѐ уште опстојува… Јас го разбирам и го поздравувам етичкиот чин на одговорност, но тука е и одговорноста за она што значи континуитет на системот, одговорност пред сѐ за она што доаѓа пред нас, затоа што сериозни предизвици допрва ќе има“, изјави премиерот Заев.

Лидерот на СДСМ додаде дека никогаш не рекол оти ако има констатирано вина кај Филипче и Хасани, нема да ги прифати нивните оставки.

Заев во дебатата додаде дека модуларните болници досега спасија стотици животи како времени објекти за сместување на пациенти, кои се користат насекаде во светот.

„Модуларните болници се според стандардите на Светска банка за времени сместување кои во одреден период спасија стотици животи. Тие беа неопходни за соодветно болничко згрижување на граѓаните во услови какви што предизвика пандемијата“, изјави Заев.

Во дебатата се спротивстави Христијан Мицкоски, кој рече дека постојат индиции оти електричното напојување го предизвикало пожарот, но и директна вина постоела поради тоа што дозволено било роднини на пациентите да се грижат за нив. Мицкоски тврдеше дека објектот на модуларната болница во Тетово немал одобрение за градба.

„Што треба да покаже истрагата дека нема одобрение за градба и дека е пуштен во употреба без соодветни документи, што треба германските истражители да утврдат“, праша Мицкоски.

Во телевизискиот дуел Мицкоски кажа дека нема да заврши со барање на одговори се додека нема морална, политичка, но и кривична одговорност.

Двајцата лидери на дебатата говореа и за пописот. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски истакна дека пописот кој тече во моментов е со многу проблеми бидејќи апликацијата е нестабилна и не може континуирано да се попишува, додавајќи дека целата игра на СДСМ и Левица со пописот и се друго е само за одржување на власта.

Наспроти ова, премиерот Заев рече дека пописот успешно ќе заврши и ќе даде квалитетни информации кои се потребни на земјава.

Премиерот Заев им се заблагодари на граѓаните, на професионалците од Државниот завод за статистика и на попишувачите, со кои заедно, кои наспроти тврдењата на опозицијата дека треба да се одложи пописот и дека не постојат услови заради здравствената криза, докажаа дека со почитување на строгите протоколи за заштита од ковид-19 и оваа сложена статистичка операција се извршува квалитетно.

Премиерот Заев истакна дека дури и оние малубројни граѓани кои одбиваат при првиот обид да се попишат, како и активисти кои повикуваа на бојкот, се попишуваат.

Премиерот Заев додаде дека и покрај тоа што постојат сериозни хакерски напади, тие успешно и системски се надминуваат, притоа изразувајќи увереност дека до крајот на месецот успешно ќе заврши пописот.

Во однос на одржувањето на локалните избори, и Мицкоски и Заев на дуелот тврдеа дека нивната коалиција ќе победи на претстојните избори за градоначалници и општински совети.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Почина Велибор Џаровски – Џаро

По кусо боледување, денеска на 75 години почина Велибор Џаровски-Џаро, еден од најпознатите менаџери на просторите на бивша Југославија. Здравко Чолиќ, Мишо Ковач, Маја Оџаклиевска, Оливер Драгојевиќ, „Бијело дугме“, Тереза...