Тренчевска: Во закон се воведува работа од дома и на далечина, значајна новина за младите

Во предлог-законот за работни односи се воведува работа од дома и работа и на далечина, нешто што е посебно значајно за младите, истакна министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, на денешната дискусија „Родовата еднаквост - клуч за економскиот раст на државата“

Фото: МТСП

Во предлог-законот за работни односи се воведува работа од дома и работа и далечина, нешто што е посебно значајно за младите, истакна министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, на денешната дискусија „Родовата еднаквост – клуч за економскиот раст на државата“, организирана од Европската бизнис асоцијација.

Панелистките дискутираа за родовата еднаквост во нашето општество и за работните места, во институциите и во компаниите.

„Министерството работи и на нов Закон за вознемирување на работно место, исклучително важен кога се зборува за насилството врз жените и вознемирување на работно место“, рече Тренчевска.

Таа потсети дека се воведуваат два нови институти – мајчинство и татковство, со што целта е таткото да се вклучи во растот и развојот на детето и можноста на враќање на мајката на работа.

Во исто време, МТСП работи и нов Закон за родова еднаквост, а министерката кажа и дека се работи и на зајакнување на владиниот механизам за родова еднаквост, односно создавање на Секретаријат со кој ќе раководи вицепремиерка за родова еднаквост.

Според надлежните, идејата е нашето законодавство да се прави согласно европските стандарди, односно согласно стандардите на Обединетите нации.