Treebanks ќе засади дрво за секое купено парче облека од дизајнерката Тошева

Ирина Тошева (лево) и Михаил Стевчев (десно) од Treebanks / Фото: Фејбук на Ирина Тошева (сликата е преземена со дозвола од дизајнерката)

Модната дизајнерка Ирина Тошева и Treebanks ја најавија својата соработка со едноставен, но моќен и значаен концепт. Со секое купено парче облека од модното ателје на Ирина Тошева, до крајот на годината ќе се засади дрво во име на оној што го купува парчето облека, на места низ државата, каде што е најпотребно.

„Тековните системи во многу индустрии, не само модната, изградени се на начин да ги злоупотребат ресурсите. Колку и да се трудиме и совесно да работиме нема да можеме да бидеме целосно одржливи и еколошки. На овој начин заедно ќе придонесеме за поздрава и почиста животна околина“ изјави за Мета.мк, дизајнерката Тошева.

Нејзината најнова колекција ќе биде промовирана наскоро. Тогаш јавноста ќе има увид во новите парчиња кои граѓаните ќе можат да ги купат, а со тоа да учествуваат во подобрување на животната средина.

„Искрено веруваме дека сите работи кои ги правиме треба да нѐ доближат до природата и натераат да соработуваме со нашата планета. Вклучи се во заедничката мисија, да направиме промена, дрвце по дрвце“ порачуваат Тошева и Treebanks.

Концепт на функционирање / Фото: Treebanks

Имено, Treebanks со кого Тошева соработува е компанија која постои од 2019 година и работи на принцип со резервација и нивна главна идеја е преку секое патување резервирано преку нивните партнери (Booking.com, Agoda.com, Kiwi.com) тие бесплатно да засадат дрво. Процентот кои тие го користат од партнерите го инвестираат во пошумување. Исто така, и за секоја купена маичка Treebanks, засадуваат дрво.

Михаил Стевчев од Treebanks вели дека кога ја објавиле маичката, дизајнерката Тошева им дала предлог да направат торба за купување.

„Од почетокот на нашата меѓусебна комуникација имаме иста визија како сакаме општеството да се развива и како со нашите влијанија можеме да и помогнеме на природата. Соработката со Ирина дојде на најприродниот можен начин. Таа не контактираше во момент кога одлучивме малце да ја пивотираме нашата идеја. Имајќи ги предвид нашите позадини и начинот на кој делуваме, брзо ги договоривме деталите. Концептот е едноставен, за секое купено парче од Ирина Тошева, Treebanks ќе засади дрвце во наредната акција за садење“ изјави Стевчев, за Мета.мк.

Како што стои на веб-сајтот на Treebanks, нивната мисија е да засадат милион дрвја ширум светот, почнувајќи од нашата држава, каде состојбата со загадувањето на воздухот во последните години е алармантна.

„Со концепти како Treebanks и совесни дизајнери како Ирина секој има можност индиректно да влијаe до подобра животна средина. Видете ја новата колекација на Ирина и поддржете го Treebanks“ порачува Стевчев.