Треба да им се овозможи бесплатен адвокат на луѓето кои не можат да си дозволат да платат

-

Во Северна Македонија мора да се специфицираат сервисите и правното зајакнување за да се обезбеди пристап до правда. Имаме недостатоци во смисла на обезбедување правна помош во кривична постапка, односно правна одбрана на луѓето кои не можат да си дозволат правна помош. Ова е еден од заклучоците од денешната Конференција на тема „Пристап до прaвда пристапни сервиси и зајакнати заедници“, што се одржа во Јуроп хаус (Europe house), на која присуствуваа експерти, научници и практичари кои разговараа за актуелните случувања, трендови и предизвици поврзани со пристапот до правдата.

„Успеваме да ги зајакнеме капацитетите на три граѓански женски организации кај нас и да обезбедиме нивна одржливост. Фондацијата „Квина тил Квина“ работи на долгорочно партнерство со граѓанските организации. Истовремено обезбедуваме поддршка на нивните капацитети, ги пренесуваме своите знаења за да успешно ги имплементираат своите проекти“, рече во своето обраќање Дијана Стојановиќ Ѓорѓевиќ, програмска раководителка на Квина тил Квина.

Професорот Гордан Калајџиев зборуваше за казнената процедура, односно потенцира дека полициското право и човековото право не се изучуваат доволно на правните факултети и на полициската академија, иако се многу важни.

„Хрватите прават сериозен обид да го олеснат пристапот до бесплатна правна помош при апсење во полиција, со прескокнување на фазата на проверка на фактичката состојба на осомничениот, за неговата можност или неможност да плати адвокат. Кај нас е прилично неуредена оваа материја и оставена на арбитрарни одлуки на полицијата и обвинителството. Во Хрватска доволно е да дадете изјава и ќе ви определат адвокат, а подоцна ако се покаже дека сте имале пари ќе треба да си го платите“, рече Калајџиев.

Според него, Хрватска има законодавство слично на нашето, а многу поголемо искуство, па со оглед на тоа, иако нивните решенија не се најдобри, за Северна Македонија се добар пример за тоа, во кој правец треба да се движиме.

На конференцијата свое обраќање имаше Бети Пеева од организацијата „Ехо“. Таа кажа дека секојдневно се среќава со ранливи категории граѓани.

„Нашата организација од 2003 година се бави со родова рамноправност и човекови права. Досега имаме помогнато на повеќе од 3.000 жени и девојки жртви на насилство. Работевме со психосоцијална поддршка, но и со бесплатна правна помош. За една жртва да биде подготвена да ги помине сите правни процедури треба да биде и психички подготвена за тоа. А ако сакаме да пружиме економско јакнење, реинтеграција, тогаш треба да овозможиме тоа да трае долгорочно“, рече Пеева.

На конференцијата зборуваа и младите, кои ги коментираа програмите за млади во државата.

„Во 30 години независност не научивме дека треба да инвестираме во програми за млади. 96 отсто од буџетот на Агенцијата за млади и спорт, оди за спорт, а 4 отсто одат за млади, што е пола милион евра. Многу мал дел од тие пари се искористени за програми за млади“, рече Блажен Малески.

Фото: Мета.мк

Тој кажа дека младите се само рефлексија на целата држава.

„Ако државата сака да промени нешто во својата иднина, треба да се случи трансформација, за да можат младите да се остварат во својата држава. Во ситуација сме во која имаме млади кои очекуваат промени. Расте евроскептицизмот, но младите гледаат дека по патот на ЕУ очекуваат да е подобар животот во државата – додаде Малески.

Tешка сообраќајна несреќа на патот Прилеп-Битола, три лица го загубија животот

Утрово се случи тешка сообраќајна несреќа на патот Прилеп-Битола во којашто три лица го загубија животот, а едно е тешко повредено. Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп...