fbpx

Трасата на гасоводот на Водно останува, но изменета и скратена

-

Во соработката со екологистите постигнавме компромис за максимално да ги намалиме штетите на животната средина од изградбата на магистралниот гасовод на Водно, трасата е скратена и со тоа за 70 отсто се намалува опфатот на природата што ќе биде засегната, а појасот по кој ќе се гради е намален од 25 на 10 метри и за тоа ќе се исечат 2 хектари, оносно онолку дрва колку што во еден дел се трошат за загревање во Скопје, порачаа на прес-конференција во Владата денеска скопскиот градоначалник Петре Шилегов, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули и директорот на АД Македонски енергетски ресурси (МЕР), Бајрам Реџепи.

На прес-конференцијата беше посочено дека поради повеќе причини е невозможно да се напушти трасата преку Водно, а за возврат на тоа, гасоводот да оди од северната страна на Водно, односно делумно по Скопска Црна Гора.

Макрадули на почетокот на прес-конференцијата, истакнувајќи ги придобивките од користењето на гас како енергенс за затоплување во светски рамки, рече дека овој гасовод и севкупната гасификација ќе придонесат многу за поздрава животна средина не само во Скопје, туку и во Тетово и Гостивар.

– Министерството за животна средина не го дава Водно за стихијно градење, туку за плански стратешки проект како што е гасификацијата. Анализите од Европа покажуваат дека со користење гас, ПМ честичките во воздухот се намалиле за 31%. Во Скопје, доколку не промениме ништо, честичките ПМ 10 и ПМ 2,5 во 2023 година ќе се зголемат за 31% во однос на 2015. А ако преземеме мерки, како што е гасификацијата, ќе се намалат за 70% – рече тој, посочувајќи дека е направена студија и дека министерството постојано ќе ги следи градежните активности.

За изменетиот проект по кој ќе продолжи изградбата на гасоводот, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, порача дека Владата го слушнала гласот на екологистите и затоа се направени промени, кои ќе значат многу за природата.

– И ние не го даваме Водно, тоа е заедничко богатство и нема да дозволиме на кој било начин да ја загрозиме животната средина и да наштетиме на природата. Го слушнавме вашиот глас, гласот на граѓаните и екологистите, и направивиме промени на проектната документација. МЕР изработи нова траса со која се намали опфатот на дрвна маса што ќе треба да се исече – од 3.000 кубни метри на 1.400 кубни метри. Трасата се намалува од 25 на 10 метри широчина, и со тоа ќе бидат засегнати само 0,07% од вкупната шума на Водно – рече Сугарески.

Бајрам Реџепи, директорот на МЕР известувајќи за трите гасоводни делници, рече дека од Штип до Неготино, потег долг 36 километри се завршени 90 отсто од градежните работи и се очекува да завршат до крајот на годинава, а на гасоводните делници  Неготино – Битола (92 километри) и Скопје – Тетово – Гостивар (76 километри + 10 километри за кракот за Тетово) се завршени 25 отсто од работите и се очекува да бидат пуштени во функција во 2020 година.

– Низ Водно ќе минат 9 километри, ќе се вгради подземна гасоводна цевка, потоа теренот ќе се враќа во првобитна положба, ќе се прави рекултивација и по неколку месеци нема да се познава каде е копано. МЕР веќе плати на Град Скопје за рекултивацијата – рече Бајрами, појаснувајќи дека ако се послуша барањето на екологистите на гасоводот, работите ќе се одложат за цели пет години.

– Барањето на невладините е бескомпромисно и тие бараат траса на Скопска Црна Гора. Тоа во оваа фаза е невозможно. Тоа нема да биде подобро решение од еколошки аспект од сегашното, оти и таму ќе се сече повеќе шума, ќе поминува низ ерозивен терен, што не е препорачливо за гасовод. Исто така, ќе треба да минува низ густо населени места и да се вкрстува со главниот извор на водоснабдување на Скопје, што е недозволиво – рече директорот на МЕР.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов порача дека Скопје не е изолиран остров и „затоа немаме право да стоиме на патот на гасификација на Тетово, Гостивар и Кичево.

– Но Скопје не може да биде жртва, затоа во преговори со Влада обезбедивме Скопје да добие  од МЕР 43 милиони денари за рекултивација на теренот на Водно. Потоа, пошумување на Скопска Црна Гора со еден милион евра од Министерството за одбрана за да спречиме нови поплави и да ја подобриме животната средина. Добивме и владина поддршка за зелени коридори по реките Лепенец и Серава, како и пари за заштита на Водно и кањонот Матка. Обезбедивме и мерка да се постават филтри на оџаците на пет големи институции во Скопје – се пофали Шилегов.

Тој рече дека ова е првпат „некој да чепка на Водно, а да се обезбеди ревитализација потоа“ и повтори дека трасата е скратена за 4 километри, а широчината од 25 на 10 метри.

– Ова е доказ дека кога има одговорна власт што ги слуша граѓаните е можна промена. Да потсетам, трасата е проектирана во 2015 година, а градежна дозвола е издадена во декември 2016 година, во претходната власт – рече Шилегов.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Петровска го доби Ковачки на суд и се откажа од 10.000 евра што требаше тој да ѝ ги плати за клевета

Основниот граѓански суд - Скопје утврдил граѓанска одговорност за клевета врз министерката Славјанка Петровска од Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ. Петровска на својот профил на Фејсбук ја објави пресудата. „Како што...