Македонското Министерство за одбрана е второ според индексот на интегритет во Централна и Источна Европа на „Транспаренси интернешнел“, објавија денеска, по повод Меѓународниот ден на борбата против корупцијата, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и претседателката на „Транспаренси интернешнел – Македонија“ Слаѓана Тасева. Индексот за интегритет на владите во секторот одбрана е еден од индексите на „Транспаренси интернешнел“ и годинава првпат се објавува индексот за Македонија. Се проценуваат категориите на политички, финансиски ризик во персоналот, оперативен и ризик во јавните набавки. Истражувањето почнало во 2018 година, а индексот е тукушто објавен.

„Република Македонија има втор резултат веднаш по Латвија. Имаме повисоки резултати од Грузија, Литванија, Полска, Естонија, Босна и Херцеговина, Ерменија, Косово, Србија, Унгарија, Украина, Албанија, Црна Гора и Азербејџан. Значи ние сме најдобро рангирани после Латвија во овој индекс на интегритет на владите во секторот одбрана. Би сакала навистина да и честитам на министерката Шекеринска за тоа како се обезбедени сите и регулаторни, нормативни и институционални услови за да може истражувањето, кое што е многу детално, да покаже ваков висок степен на усогласеност на системот за интегритет во одбраната на Република Македонија со индикаторите за проценка на интегритетот во овој сектор во светот“, рече Тасева.

По отпорноста на одбраната на корупција во делот на набавките и човечките ресурси Македонија е земја со низок ризик од корупција, нагласи Шекеринска, и додаде дека нашиот буџет е транспарентен, постои регулатива за борба против корупцијата која е усогласена со меѓународните стандарди.

„Безбедноста не се намалува со транспарентност. Напротив, одржлива безбедност и стабилност на секоја држава, особено држава како нашата, во регион како нашиот, може да се гарантира исклучиво со транспарентност на институциите кои што се платени да ја гарантираат. Транспатентноста останува една од нашите клучни политики, бидејќи цврсто веруваме во правото на граѓаните да знаат каде се трошат нивните пари“, рече Шекеринска.

Таа наведе дека во 2015 година Министерството за одбрана, според норвешкиот Центар за интегритет во одбраната било на 55 место според транспарентноста во Македонија, а годинава на прво место според активната транспарентност. Според Шекеринска, во последните две години министерството посветено работело на активната транспарентност и објавило огромен број документи на својата интернет страница.