Сите надлежни институции, граѓанскиот сектор и медиумите заедно треба да се посветат повеќе на промоција на Законот за заштита на укажувачите. Да ја информираат јавноста за успешноста од своите исходи и да покажат дека системот кој се бори со неправилностите во државата успешно функционира. Ова е еден од заклучоците и порепораките на кои се укажува во последниот регионален извештај насловен како „Колку добро земјите на Западен Балкан ги заштитуваат укажувачите?“.
Овој извештај е дел од проектот „Исполнување на ветувањата за укажување: Одбрана на правата на граѓаните и борбата со корупцијата“, финансиски подржан од Balkan Trust for Democracy, проект на German Marshall Fund of the United States и USAID.
„Проектот проценува колку добро функционираат системите за заштита на укажувачите во земјите од Западен Балкан преку следење на исходите од случаите, анализа на добри практики и објавување и застапување за реформи и подобрувања“, наведенио е во соопштението на „Транспаренси интернешенл“.
Она што се посочува во извештајот е дека е потребно да се подобри законската регулатива и да се поддржат институциите кои се надлежни да спроведат заштита, како од кадров така и од финансиски аспект.
„Потребна е и поголема подршка и мотивираност на институции задолжени за надоврешно пријавување поактивно да преземаат мерки во заштитата на укажувачите. Со посебен аспект на органите за прогон како Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство“, наведено е во препораките.
Исто така, заради поефикасна и поефективна заштита потребно е институциите кои што се согласно законот носители на спроведување на заштитните механизми меѓу себе да се координираат и да ја продлабочат соработката.
„Треба да се спроведе обука на адвокатите и судиите за поефикасна заштита на постапките со укажувачи, односно да не се дозволи одолговлекување на судски постапки кои опфаќаат заштита на укажувачите. Владата и Министерството за финансии треба да овозможат повеќе средства со што би се промовирал системот на заштита на укажувачите и би се зголемил човечкиот капацитет за да се постигне подобар резултат“, пишува во извештајот.