Трансдисциплинарниот проект „Дизајн на оживување“ доби награда за истражување и ликовна критика

Фото: Мартина Пенева

Трансдисциплинарна дизајнерка Клелија Живковиќ со проектот „Дизајн на оживување“ е добитничка на наградата за истражување и ликовна критика „Ладислав Баришиќ“ за 2022 година што ја  доделува здружението на ликовни критичари „АИКА Македонија“.

Како што вели дизајнерката, истражувањето е дел од проектот „Creature Comforts“ (Суштински удобства), односно од нејзината неколкугодишна љубопитност за тоа како дизајнерските пракси го обликуваат човештвото како вид. Во центарот на оваа пракса е процесот на прототипирање, развивање на модели за отелотворување и
спекулација, барајќи увид во начините на кои човештвото се поврзува со остатокот
од живиот и неживиот свет.

За своето дело, Живковиќ пишува: „Прашањето „како ја замислуваме иднината?“ е вткаено во нашите избори додека ја градиме сегашноста. Испреплетеноста на тоа прашање со оваа комплексна сегашност која ја населуваме, овозможува полето на спекулативен дизајн да порасне како никогаш досега. Оттука, се поставуваат прашањата – што претставуваат овие спекулации?; Дали во себе содржат значаен увид во шансите живиот свет да опстане на оваа оштетена планета, или се палијативни заспивалки во подготовка за истребувачкиот настан кој се чини сѐ поверојатен?“

Ова истражување ќе ги прегледа трансдисциплинарните напори на дизајнерите за излегување од оваа моментална состојба на безизлезност, во која е неопходно да ги напуштиме застарените имагинации кои ја реализирале својата улога и да се впуштиме во потрага по нови, кои допрва ќе се раѓаат.

Клелија Живковиќ е автор на книгата „Prototyping Tenderness: a personal log of a dying world”и ко-основачка на Платформата за граѓанско учество преку културни и уметнички пракси – Социопач и интердисциплинарното дизајн студио Pillow Talks.