Трансатлантскaта соработка: Ќе треба повеќе од кликни “undo”

Анализа за „Порталб.мк“ од Малинка Ристевска, Јорданова, Институт за европска политика

Трансатлантските односи доживеаја најниска точка за време на претседателствувањето на Трамп. Затоа не беше изненадување што европските лидери (барем најголемиот број од нив) меѓу првите му ја честитаа победата на сега веќе претседателот Бајден, испраќајќи пораки на надеж за јакнење на трансатлантската соработка, пишува Малинка Ристевска – Јорданова во новата колумна за „Порталб.мк’. Веројатно традиционалните сојузници од двете страни на Атлантикот – ЕУ и САД сега би биле најсреќни кога едноставно би можеле да го стиснат копчето „undo”. Меѓутоа, потезите на претходната администрација оставија последици, со кои партнерите ќе мораат да се соочат.

Автор: Малинка Ристевска Јорданова

Уште на почетокот на декември европските институции испратија и конкретна понуда до новиот американски претседател. Европската комисија излезе со Коминике „Нова агенда меѓу ЕУ-САД за глобални промени“, а Советот на ЕУ и Европскиот совет набрзо донесоа заклучоци за трансатлантските односи. Од европската страна на Атлантикот за главни принципи на обновената трансатлантска соработка се предлагаат: посилен мултилатеризам; остварување заеднички цели и заедничко влијание; праведност, отвореност и конкуренција.

Да ги разгледаме главните области на предложената соработка.

Разбирливо, на прво место се најде сузбивањето на ковид-19 пред сѐ за „рамномерна дистрибуција на тестови, третман и вакцини“. Следна точка се климатските промени и биодиверзитетот. Меѓу приоритетите е и областа на технологијата, трговијата и стандардите. Неизбежна точка се и заедничките ставови за меѓународните и безбедносно-одбранбените прашања. Секако дека предлозите во голема мерка се совпаѓаат со клучните навестувања на Бајден од неговата политичка програма, која предвидува пресврт за надворешната политика на САД под мотото “враќање на американското лидерство во странство“. Ветеното веќе се остварува со почнување на постапките за враќање на САД во Парискиот договор за климатски промени и во Светската здравствена организација.

Според експертите на Германскиот Маршалов Фонд, обновата на трансатлантските односи нема да биде лесна заради веќе направената голема штета. Воведените царини на производи од железо и алуминиум, наводно првенствено наменети кон Кина, сериозно ги погодија трговските односи меѓу САД и ЕУ. Како контра-мерка, ЕУ веќе има најавено воведување царини на производи од САД за крајот на март оваа година. Тука се и американските субвенции за проиводителите на воздухоплови, па стандардите во областа на безбедноста на храната. Се очекува дека уште поголем предизвик ќе биде воопшто опоравувањето на Светската трговска организација (СТО), на која трамповата администрација ѝ зададе силни удари, кои ЕУ безуспешно се обидуваше да го амортизира. Меѓу другото, се работи за нарушениот систем за решавање спорови, блокирање на изборот на директор на СТО, како и прашањето на системот на увозни давачки поврзани со емисии на јаглерод. Следен поголем предизвик е и трансатлантската трговија во областа на ИТ технологијата – особено инсистирањата на ЕУ за повисоки стандарди за приватност на податоците, како и примена на политиката на конкуренција. Овде потсетуваме само на драконските казни што Европската комисија им ги изрече на ИТ компании од САД за непочитување на правилата на конкуренција на ЕУ.

Се чини дека и обновувањето на соработката на надворешно-политички и безбедносен план нема да биде едноставна. Можните различни становишта за владеењето на правото, па и надворешно-политички преференци на одделни членки на ЕУ, кои имаат традиционални врски со САД (како на пример Полска) се дополнителнен ризик за трансатлантските односи.

Сепак, во ЕУ има големи очекувања од поактивниот однос на САД на светската сцена. Се очекува соработка на ЕУ и САД во поглед на политиката кон Кина, која во моментов е примарниот фокус на американската надворешна политика. ЕУ очекува зголемена кооперативност и на Средниот Исток, иако Бајден најави повлекување на поголемиот дел од американските трупи од Авганистан. Меѓутоа, извесно е враќањето на САД во договорот за нуклеарно разоружување со Иран. Предизвик за соработката ќе биде и Блискиот Исток, особено со зголемената улога на Турција. Поволен за трансатлантските односи e најавениот повторен ангажман на САД со Русија во разоружувањето, но треба да се имаат предвид и очекувањата на ЕУ за поблиска соработка во областа на енергетиката, како и со партнерите на ЕУ во руското соседство, како Украина.

Во силната конкуренција на заеднички трансатлантски меѓународни предизвици во документите на ЕУ фигурира и Западниот Балкан. Од регионалните прашања, Европската комисија единствено ја издвојува потребата од зајакната соработка меѓу ЕУ и САД за решавање на српско-косовскиот спор, за што заслуга веројатно има септемврискиот „договор“ меѓу Белград и Приштина со посредство на поранешниот американски претседател Трамп, но без координација со ЕУ.

Како и да е, најмалку што се очекува од обновувањето на трансатлантското партнерство се повеќе стабилност и предвидливост.