Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ветува големи царински тарифи за трите најголеми трговски партнери на САД – Канада, Мексико и Кина, пренесува Ројтерс.
Трамп, кој ќе ја презеде претседателската функција на 20 јануари 2025 година, изјави дека ќе воведе царинска тарифа од 25 отсто на увозот на добра од Канада и Мексико сè додека тие не исполнат одредени услови, како што се контролирање на картелите и бројот на мигранти кои ја преминуваат границата. За Кина, пак, Трамп најави дополнителни тарифи од десет отсто за какви било увезени добра од Кина.
Ова меѓу најконкретните коментари од Трамп за тоа како тој планира да ја спроведе својата економска агенда, со која вети дека ќе ја „стави Америка на прво место“.
„На 20-ти јануари, како една од многуте мои први извршни наредби, ќе ги потпишам сите потребни документи за да им наплаќаме на Мексико и Канада тарифи од 25 отсто за СИТЕ производи што доаѓаат во САД од нивните отворени граници“, напиша тој во објава на неговата социјална мрежа Трут Сошл.
Во 2023 година, повеќе од 83 отсто од извозот од Мексико биле увезени во САД во 2023 година и 75 отсто од канадскиот извоз исто така бил увезен во САД.
Тарифите, исто така, потенцијално предизвикуваат проблеми за прекуокеанските компании, како што се многуте азиски производители на автомобили и електроника кои го користат Мексико како евтина база за производство на добра за американскиот пазар.
Се чини дека новата царина која ќе ја воведе Трамп ги прекршува условите на Договорот меѓу САД-Мексико-Канада за трговија. Договорот што Трамп го потпиша како закон стапи на сила во 2020 година, кој се сметаше за наследник на НАФТА договорот, со што трговијата главно продолжи без царина меѓу трите земји.
По соопштувањето на неговата тарифна закана, Трамп одржа разговор со канадскиот премиер Џастин Трудо во кој разговараа за трговијата и безбедноста на границите, изјави канадски извор.
Рикардо Монреал, член на долниот дом на мексиканскиот парламент, повика на „употребата на билатерални и институционални механизми во борбата против трговијата со луѓе, дрога и оружје“.