Претседателот Доналд Трамп во среда изјави дека сè што е помалку од контролата на Гренланд од страна на САД е неприфатливо, неколку часа пред потпретседателот Џ.Д. Венс да ги прими данските и гренландските претставници на разговори, пренесува Асошиејтед Прес.
Во објава на својата страница на социјалните мрежи, Трамп го повтори својот аргумент дека на САД „им е потребен Гренланд за потребите на националната безбедност“. Тој додаде дека „НАТО треба да го води патот за да го добиеме“ и дека во спротивно Русија или Кина би го сториле тоа.
„НАТО станува многу посилен и поефикасен со Гренланд во рацете на САД“, напиша Трамп. „Сè што е помалку од тоа е неприфатливо“.
Гренланд е во центарот на геополитичка бура, бидејќи Трамп инсистира дека сака да го поседува островот – а жителите на неговиот главен град, Нук, велат дека не е на продажба. Белата куќа не ја исклучи можноста за преземање на арктичкиот остров со сила.
Венс треба да се сретне со министерот за надворешни работи на Данска, Ларс Леке Расмусен, и неговата колешка од Гренланд, Вивијан Мотцфелд, во Вашингтон во среда за да разговараат за островот, кој е полуавтономна територија на сојузникот на САД во НАТО, Данска.
Пред состанокот, францускиот министер за надворешни работи го осуди она што го опиша како „уцена“ на САД за Гренланд, што е најнов знак на иритација меѓу сојузниците на Америка.
По тесната, покриена со снег главна улица во Нуук, меѓународни новинари и снимателски екипи ги запираа минувачите на секои неколку метри (стапки) прашувајќи ги за нивните мисли за кризата за која данскиот премиер предупреди дека потенцијално би можела да предизвика крај на НАТО.
Тута Микаелсен, 22-годишна студентка, за Асошиејтед Прес во Нуук изјави дека се надева дека американските претставници ќе ја добијат пораката да се „повлечат“.
Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, на прес-конференција во данскиот главен град Копенхаген во вторникот изјави дека „ако треба да избереме помеѓу САД и Данска тука и сега, ја избираме Данска. Ја избираме НАТО. Ја избираме Кралството Данска. Ја избираме ЕУ“.
Запрашан подоцна во вторникот за коментарите на Нилсен, Трамп одговори: „Не се согласувам со него. Не знам кој е тој. Не знам ништо за него. Но, тоа ќе биде голем проблем за него.“
Гренланд е стратешки важен бидејќи, како што климатските промени предизвикуваат топење на мразот, тие отвораат можност за пократки трговски патишта до Азија. Тоа, исто така, би можело да го олесни вадењето и транспортот на неискористени наоѓалишта на критични минерали кои се потребни за компјутери и телефони.
Трамп, исто така, рече дека сака островот да ја прошири безбедноста на Америка и го наведе она што тој го нарекува закана од руски и кинески бродови како причина за негова контрола.
