Американскиот претседател Доналд Трамп го извести Конгресот дека „непријателствата“ меѓу САД и Иран се „завршени“, повикувајќи се на тековниот прекин на огнот и оценувајќи дека не е должен да го испочитува законскиот рок за одобрување на воената акција, пренесува Би-Би-Си Њуз.
Според американскиот закон, претседателот мора да добие одобрение од Конгресот во рок од 60 дена по известувањето за воена интервенција, во спротивно треба да ги прекине воените дејствија. Но, во писмо до лидерите на Конгресот, Трамп наведува дека овој рок е „ставен во мирување“ поради прекинот на огнот договорен со Иран минатиот месец.
Иако сè уште нема долгорочен мировен договор меѓу двете земји, иранските медиуми објавија дека Техеран испратил нов предлог за преговори преку посредници од Пакистан.
На 60-тиот ден откако формално го известил Конгресот за нападите врз Иран, Трамп во петокот напиша дека „од 7 април 2026 година нема размена на оган меѓу американските сили и Иран. Непријателствата што започнаа на 28 февруари 2026 година се завршени“.
Трамп изјави дека неодамна имал разговори со Иран, но изрази незадоволство од текот на преговорите.
„Имавме разговор со Иран. Ќе видиме што ќе се случи, но не сум задоволен“, рече тој.
Тој додаде дека постигнувањето договор е отежнато, делумно поради „збунетоста“ во иранското раководство, по загинувањето на дел од нивните високи воени функционери во конфликтот.
Во Конгресот, расте притисокот за гласање за формално одобрување на воената акција. Законот за воени овластувања од 1973 година предвидува претседателот да ги повлече вооружените сили ако во рок од 60 дена не добие одобрение од законодавниот дом, освен ако не се дозволи кратко продолжување за повлекување на трупите.
Министерот за одбрана Пит Хегсет изјави дека рокот е ставен во мирување поради прекинот на огнот, но дел од демократите не се согласуваат со ваквото толкување.
„Не верувам дека законот го поддржува тоа“, изјави сенаторот Тим Кејн.
Трамп, пак, ја отфрли потребата од одобрение од Конгресот. „Ниту една друга земја не го прави тоа. Повеќето го сметаат за целосно неуставно“, рече тој.
Експертите, сепак, го оспоруваат ваквото толкување. Професорката Хедер Брендон-Смит од Универзитетот Џорџтаун смета дека прекинот на огнот не значи крај на рокот.
„Прекин на огнот не е траен крај на конфликтот. Само трајно завршување би го затворило рокот од 60 дена“, изјави таа.
Според неа, единствен начин за запирање на конфликтот би бил преку Конгресот или судовите, доколку администрацијата продолжи со воените активности.
