Американскиот претседател Доналд Трамп остро го предупреди Иран дека мора да постигне договор за запирање на конфликтот. Во објава на социјалната мрежа „Truth Social“, Трамп напиша дека постои ризик од катастрофални последици ако не се најде решение, пренесува Гардијан.
„Цела цивилизација ќе исчезне вечерва и никогаш нема да се врати. Не сакам тоа да се случи, но веројатно ќе се случи“, напиша Трамп. Тој исто така додаде дека по „целосната и тотална промена на режимот“, можеби ќе се појави можност за нов почеток со „попаметни и помалку радикализирани“ лидери.
Трамп оцени дека денешниот ден може да биде „еден од најважните моменти во долгата и сложена историја на светот“, додавајќи дека „47 години изнуда, корупција и смрт конечно би можеле да завршат“.
Во меѓувреме, иранските власти соопштија дека најмалку два моста, железничка инфраструктура и важен автопат биле оштетени во серија американско-израелски воздушни напади врз инфраструктурни цели.
Според државните медиуми, погоден бил мост во близина на светиот град Ком, како и мост на железничка линија во централниот град Кашан. Во нападот во Кашан загинале две лица, а три се повредени, изјави регионалниот безбедносен функционер Акбар Салехи .
Истовремено се приближува рокот што Трамп го постави за повторно отворање на теснецот Ормуц. Американскиот претседател повторно се закани дека ќе ги уништи иранските мостови и електрани доколку Техеран не го исполни рокот, кој истекува во вторник во 20 часот по источниот американски временски појас.
Трамп изјави дека воопшто не е загрижен дека такви напади би можеле да се сметаат за воено злосторство.
„Знаете што е воено злосторство? Да се има нуклеарно оружје“, рече тој.
Додека рокот се приближува, пакистанските власти посредуваат во индиректните преговори меѓу Вашингтон и Техеран. Претходно Иран ја отфрли понудата за 45-дневен прекин на огнот и побара трајно завршување на конфликтот.
