Претседателот Доналд Трамп во понеделникот ги повика Израел и Иран веднаш да ги прекинат меѓусебните напади, по ескалацијата на конфликтот што следеше откако Техеран ја поддржа прокси-воената група Хезболах, во контекст на офанзивните напади на израелските одбранбени сили (ИДФ) во Либан, пренесува „Д Хил“.

„Израел и Иран мора веднаш да престанат со ‘пукањето’“, напиша Трамп на својата платформа Трут Сошл. Во друга објава тој додаде дека двете страни „сакаат итен прекин на огнот“.

Трамп исто така изјави дека финалните преговори за мировен договор „се одвиваат, освен ако глупост или неразбирање не им застане на патот“, додавајќи дека блокадата ќе остане на сила сè додека не се постигне конечен договор. „Работите треба да се одвиваат брзо“, порача тој.

Изјавите доаѓаат по неколкудневни тензии, откако израелските сили ја нарушија безбедносната зона што служи како тампон меѓу Израел и Либан, со цел да таргетираат позиции на Хезболах.

Притисокот се засили откако Израел се согласи на примирје со посредство на САД, при што либанските власти се обврзаа да формираат „пилот-зони“ во кои ќе се обидат да го истиснат милитантното движење.

Хезболах го отфрли примирјето, а Техеран во одговор ги суспендираше преговорите со САД за повторно отворање на Ормускиот теснец.

Во неделата, Иран и Израел почнаа со меѓусебни напади, додека Хутите во Јемен најавија дека ќе напаѓаат израелски бродови во Црвеното Море, што дополнително ја загрозува глобалната трговија преку морски патишта.

Администрацијата на Трамп ги повика израелските власти да се воздржат, со цел да се спречи понатамошно ширење на конфликтот во регионот.

Минатата недела, Трамп наводно го нарекол израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху „потполно луд“ во телефонски разговор, поради одлуката на ИДФ да влезе во јужен Бејрут.

Во интервју за Фајненшл Тајмс, Трамп изјавил дека Нетанјаху „нема избор“ освен да прифати евентуален договор што САД ќе го постигнат со Иран, додавајќи „јас ги носам одлуките. Јас одлучувам за сè. Тој не одлучува“.