Американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот интервенираше за да постигне договор меѓу републиканските конгресмени по застојот во Претставничкиот дом што го доведе во прашање усвојувањето на долгоочекуваната крипто-законска рамка, регулатива што ако се донесе ќе се смета за историска победа за секторот на дигитални средства, пишува Ројтерс.

По неуспешното гласање за легислативата во Конгресот, акциите на неколку водечки крипто-компании, како Circle Internet Group Inc. и Coinbase Global Inc., забележаа пад. Но, доцна вечерта во вторникот по локално време, Трамп објави на својата социјална мрежа дека се сретнал со 11 од 12-те клучни членови на Конгресот кои се потребни за да се одобри легислативата што ќе овозможи натамошно разгледување на законите.

„По кратка дискусија, сите се согласија утре наутро да гласаат ‘за’“, напиша Трамп.

Оваа недела, Републиканците ја означија како „Крипто недела“, со намера да протуркаат неколку законски решенија кои треба да донесат регулаторна јасност и легитимитет за индустрија за дигитални средства во САД. Но, дел од конзервативните Републиканци се приклучија на Демократите во блокирањето на првичната процедура поради несогласувања околу начинот на групирање и разгледување на предложените закони.

По неуспешното гласање, спикерот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, изјави пред новинарите дека ќе продолжи со консултациите со членовите на Конгресот и изрази надеж дека наскоро ќе има ново гласање.

Берзанските вредности на крипто-компаниите, кои првично паднаа по веста, подоцна делумно се стабилизираа.

Најзначајниот предлог-закон во пакетот е оној кој воспоставува регулаторна рамка за т.н. стабилни коини – криптовалути чија вредност е врзана за доларот во однос 1:1. Овие валути станаа широко користени меѓу крипто-трговците за брзо префрлање средства, а нивната употреба значително порасна во последниве години.

Поддржувачите на овие „коини“ тврдат дека тие би можеле да се користат за инстант плаќања, што би донело револуција во финансиските трансакции.

Друг закон предвидува дефинирање на моментот кога крипто-токенот се класифицира како стока, што е исто така значајна точка за индустријата.

Дополнително, Претставничкиот дом треба да расправа и за закон со кој би се забранило издавање на дигитална валута од страна на Централната банка на САД. Републиканците тврдат дека ваквиот инструмент би ѝ дал преголема моќ на владата врз финансиската приватност на граѓаните.

Сепак, овој предлог-закон сè уште не е разгледан во Сенатот, а Федералните резерви досега не изразиле намера за развивање на ваква дигитална валута.