Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Европската Унија „не го почитува“ постојниот трговски договор и најави нови царини што треба да стапат во сила следната недела. Тој рече дека САД ќе ги зголемат царините за автомобили од ЕУ на 25 проценти, пренесува Ал Џазира Инглиш.

Оваа одлука, објавена во петокот, може дополнително да ја разниша глобалната економија, која веќе е под притисок поради последиците од војната меѓу САД и Израел со Иран. Таа доаѓа неколку месеци откако САД и ЕУ постигнаа трговски договор, со кој царините за повеќето производи беа утврдени на 15 проценти, пониско од претходно најавените 30 проценти од страна на Трамп.

Во објава на социјалната мрежа Truth Social, Трамп ја обвини ЕУ дека „не го почитува целосно договорениот трговски договор“, без да наведе конкретни детали. Тој додаде дека нема да има царини доколку европските компании произведуваат автомобили и камиони во САД.

Портпарол на Европската комисија ги отфрли овие обвинувања, нагласувајќи дека ЕУ останува посветена на стабилни и взаемно корисни трансатлантски односи.

„Ќе ги задржиме сите опции отворени за заштита на интересите на ЕУ доколку договорот не се почитува“, изјави портпаролот.

Претседателката на германското здружение на автомобилската индустрија ВДА, Хилдегард Милер, повика двете страни да го почитуваат постојниот договор и брзо да го решат спорот. Таа предупреди дека дополнителните царини би имале високи трошоци и најверојатно ќе се одразат врз американските потрошувачи.

Трговскиот договор меѓу САД и ЕУ, познат како „Турнбери договор“, веќе беше доведен во прашање откако Врховниот суд на САД пресуди дека Трамп немал овластување да прогласи национална вонредна состојба за да ги оправда дел од царините. Со таа одлука, максималната стапка за царини за ЕУ беше намалена на 10 проценти.

Сепак, двете страни претходно покажуваа подготвеност да го почитуваат договорот. Европската Унија проценуваше дека со него европските производители на автомобили би заштедиле меѓу 500 и 600 милиони евра месечно.

Трамп најави дека новите царини ќе стапат во сила следната недела. Неговата агресивна царинска политика започна минатата година, со цел, како што вели, да се зајакне домашната индустрија.

Експертите оценуваат дека резултатите од таа политика се ограничени, додека критичарите посочуваат дека трошоците од царините ги плаќаат американските компании, кои потоа ги префрлаат на потрошувачите.

Во меѓувреме, по судска одлука, администрацијата на Трамп се очекува наскоро да започне со исплата на околу 166 милијарди долари како поврат на царини кон компаниите што директно ги платиле давачките.