Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот во Белата куќа потпиша сеопфатен пакет на даночни и буџетски кратења, односно популарниот „Еден голем прекрасен закон“, на свеченост на отворено по повод Денот на независноста на САД, која доби облик на политички митинг на Трамп, пишува Ројтерс.
Додека воените авиони прелетуваа над Јужната градина на Белата куќа, а стотици негови поддржувачи беа присутни, Трамп го потпиша законот еден ден откако Претставничкиот дом, под контрола на републиканците, тесно го одобри овој клучен закон од вториот мандат на претседателот.
Законот, кој обезбедува средства за засилената имиграциска политика на Трамп, ги продолжува постојаните даночни кратења од 2017 година и, според проценките, ќе остави милиони Американци без здравствено осигурување, беше усвоен со 218 гласа „за“ и 214 „против“, по емотивна дебата во Претставничкиот дом.
„Никогаш не сум видел луѓе толку среќни во нашата земја поради ова, затоа што се грижиме за толку различни групи: војската, цивили од сите видови, работни места од сите видови“, изјави Трамп на церемонијата, заблагодарувајќи се на претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон и на лидерот на мнозинството во Сенатот Џон Тун за нивната улога во носењето на законот.
„Ова се најголемите даночни кратења, најголемите кратења во трошењето и најголемата инвестиција во безбедноста на границата во американската историја“, додаде Трамп.
Свеченоста беше организирана на Денот на независноста, 4 Јули, со спектакуларен прелет на стелт бомбардери и борбени авиони, исти како оние што неодамна беа користени во американските напади врз нуклеарни објекти во Иран. Присуствуваа стотици поддржувачи на Трамп, вклучувајќи советници од Белата куќа, членови на Конгресот и воени семејства.
По говорот, во кој се пофали со успесите на Америка под негово водство, Трамп го потпиша законот, позираше за фотографии со републиканските лидери и членовите на неговиот кабинет, и се помеша со толпата.
Усвојувањето на законот претставува голема победа за Трамп и неговите републикански сојузници, кои тврдат дека ќе го поттикне економскиот раст, иако го отфрлаат непартискиот извештај според кој мерката ќе го зголеми националниот долг – кој сега изнесува 36,2 трилиони долари – за повеќе од 3 трилиони долари.
Иако дел од републиканските законодавци изразија загриженост за високата цена на законот и неговото влијание врз здравствените програми, на крајот само двајца од 220 републиканци во Претставничкиот дом гласаа против, придружувајќи им се на сите 212 демократи кои гласаа против законот.
Дебатата за законот беше обележана со рекордно долг говор на лидерот на демократите во Претставничкиот дом, Хаким Џефрис, кој зборуваше осум часа и 46 минути, критикувајќи го законот како подарок за богатите што ќе им го одземе федералното здравствено осигурување и помошта за храна на граѓаните со ниски приходи.
Претседателот на Националниот комитет на Демократската партија, Кен Мартин, изјави дека овој закон ќе им нанесе политичка штета на републиканците на изборите за Конгресот во 2026 година.
„Денес, Доналд Трамп ја запечати судбината на Републиканската партија, трајно позиционирајќи ја како партија на милијардерите и на специјалните интереси – а не на работничките семејства“, се наведува во изјавата на Мартин. „Ова законодавство ќе им тежи на вратот на Републиканската партија уште долго време. Ова беше целосна предавство на американскиот народ. Денес ги предупредуваме републиканците: ќе го изгубите вашето мнозинство“, додаде тој.
