Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот ѝ нареди на израелската армија веднаш да го прекине бомбардирањето на Појасот Газа, откако Хамас соопшти дека прифаќа делови од неговиот мировен план, јави Асошиејтед прес.
Од Хамас најавија дека се подготвени да ги ослободат преостанатите заложници и да ја предадат контролата врз Газа на други палестински сили, но истакнаа дека за дел од предложените мерки е потребна дополнителна внатрешна консултација. Високи претставници на движењето предупредија дека сè уште постојат сериозни несогласувања.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека Израел е подготвен за имплементација на првата фаза од планот, односно ослободување на заложниците, но не се изјасни за останатите точки. Во соопштение од неговиот кабинет се нагласува дека Израел ќе ја заврши војната согласно своите принципи.
„Верувам дека Хамас е подготвен за траен МИР“, напиша Трамп на социјалните мрежи. „Израел мора веднаш да го прекине бомбардирањето за да ги извлечеме заложниците безбедно и брзо. Веќе водиме преговори за деталите“, додаде тој.
Мировниот план, кој во понеделникот во Белата куќа го претставија Трамп и Нетанјаху, предвидува ослободување на сите 48 преостанати заложници (од кои околу 20 се верува дека се живи) во рок од 72 часа, прекин на огнот, повлекување на израелската војска и преодна меѓународна управа во Газа, со надзор од Трамп и поранешниот британски премиер Тони Блер.
Хамас го прифатија принципот на ослободување на заложниците во замена за ослободување на палестински затвореници и го повторија својот став дека се подготвени да ја предадат власта на независно палестинско тело. Сепак, не се согласија со предложената странска администрација во Газа и не споменаа подготвеност за разоружување што е клучно барање од израелската страна.
Муса Абу Марзук, висок функционер на Хамас, изјави за Ал Џезира дека планот „не може да се спроведе без преговори“ и дека можеби ќе биде тешко телата на сите загинати заложници да се пронајдат и предадат во рокот од 72 часа.
Египет и Катар го поздравија развојот, а портпаролот на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, повика сите страни да ја искористат можноста за прекин на конфликтот. Францускиот претседател Емануел Макрон порача дека „примирје и ослободување на заложниците се на дофат“.
Семејствата на израелските заложници го оценија барањето на Трамп за прекин на нападите како „критично за спасување на нивните најблиски“, повикувајќи го Нетанјаху итно да започне ефикасни преговори.
Во меѓувреме, израелската армија продолжи со офанзивата врз Газа, при што во последните 24 часа се убиени најмалку 41 Палестинец. Повеќе од 66.000 луѓе се убиени од октомври 2023 година според Министерството за здравство на Хамас, чии податоци се сметаат за најрелевантни од страна на ОН.
Голем дел од територијата е уништен, 90 отсто од населението е раселено, а УНИЦЕФ предупредува дека безбедносната состојба е катастрофална, особено за децата, старите и лицата со попреченост.
Иако планот остава простор за можно создавање палестинска држава, не предвидува обединување со Западниот Брег. Нетанјаху јасно кажа дека Израел „силно ќе се спротивстави“ на таквата можност. Хамас инсистира дека ќе ги ослободи заложниците само во замена за траен прекин на огнот и израелско повлекување, услови што Израел засега ги одбива.
