Претседателскиот кандидат на Републиканската партија, Доналд Трамп, вети дека ќе избрка стотина илјади луѓе без документи првиот ден од својот претседателски мандат.
– Првиот ден ќе почнам да ги протерувам криминалните илегални мигранти во оваа земја, а особено тие стотина илјади кои се пуштени на слобода од администрацијата на Обама и на Клинтон – изјави Трамп во Ајова, на собирот што го организираше локалната републиканска сенаторка Џони Ернст.
Републиканскиот кандидат за Белата куќа повтори дека ќе изгради голем ѕид на границата со Мексико и дека ќе ја зајакне контролата за пронаоѓање лица без документи кои се обидуваат да добијат социјални бенефиции и оние чии визи се истечени.
– Ако не го контролираме датумот на истекување на визата, нашите граници стануваат отворени. Еден глас за Трамп е глас за правна држава, а еден глас за Хилари Клинтон е глас за отворени граници – рече Трамп.
Милијардерот се обврза да ги поништи указите со кои претседателот Барак Обама привремено го регулираше престојот на стотина илјади луѓе.