Претседателот на САД, Доналд Трамп изјави дека договорот, или поточно меморандумот за прекин на огнот со Иран е „завршен“ по новата размена на напади меѓу САД и Иран, објави Би-Би-Си.
Американскиот претседател, зборувајќи за време на самитот на НАТО во Турција, го оцени иранското раководство со навредливи зборови и рече дека американските преговарачи може да продолжат со разговорите „ако сакаат“, но дека тој тоа го гледа како „губење на време“.
„Мислам дека е завршено. Не сакам повеќе да имам работа со нив. Тие се ѓубриња … ги водат болни луѓе и тие се свирепи, насилни луѓе“, рече Трамп.
„Склучуваме договор. Тие [Иран] излегуваат надвор, зборуваат со печатот, велат: ‘Ние никогаш не ни разговаравме за тоа’. Нешто не е во ред со нив. Луди се. Од моја перспектива, завршено е“, додаде тој.
Би-Би-Си пишува дека американската Централна команда соопштила оти во вторникот започнала „моќни“ напади како одговор на напади врз три танкери во Ормутскиот теснец. Следниот ден Иран соопшти дека цели кон американски воени цели во Бахреин и Кувајт како одмазда за американските напади.
Според Би-Би-Си, САД истовремено ја повлекле и привремената суспензија на санкциите за продажба на иранска нафта. Претседателот на иранскиот парламент, Мохамад Багер Галибаф, ја обвини американската страна дека го прекршила меморандумот за разбирање за ова прашање, како и други договорени точки.
Галибаф порача дека „ерата на заплашување и изнуда е завршена“ и дека „не се повлекуваме“, пренесе Би-Би-Си.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ги опиша американските напади како „апсолутно неопходни“ и рече дека Иран „во суштина го кршел прекинот на огнот“.
Не е јасно кога ќе продолжат разговорите по оваа последна размена на напади. На прашањето за нови преговори, Трамп одговорил: „Не ме интересира“.
„Извор: Би-Би-Си“
