Доналд Трамп ја прескокна седмата телевизиска дебата на републиканските претседателски кандидати, но триумфираше во коментарите на социјалните мрежи.
Трамп бил најпребаруван кандидат на „Гугл“ за време на дебатата, покажуваат податоците на интернет-пребарувачот, кој бил спонзор на дебатата заедно со телевизискиот канал „Фокс њуз“.
Доналд Трамп доминирал и во коментарите на „Твитер“ во споредба со другите кандидати. Тој во текот на дебатата бил споменат 130.000 пати на оваа социјална мрежа.
Милијардерот ја бојкотираше дебатата затоа што „Фокс њуз“ го одби неговото барање да го смени водителот на настанот.
Трамп во тоа време организирал собир во Де Моин, на кој се собираа донации за ветерани и тоа му донесе позитивни коментари на интернет.
Тој подоцна на „Твитер“ објави дека се собрани шест милиони долари „додека политичарите зборувале“.
За време на дебатата, сенаторот од Тексас, Тед Круз, говореше против Трамп во воведното обраќање и ја исмејуваше неговата чувствителност на критиките.
Кандидатите потоа говореа за надворешната политика, националната безбедност, имиграцијата, репродуктивните права и за здравствената заштита.