Американскиот претседател Доналд Трамп ја прослави суспензијата на водителот на ток-шоу Џими Кимел од етерот и рече дека телевизиските емитувачи треба да ги изгубат лиценците поради негативно известување за неговата администрација, додавајќи гориво на националната дебата за слободата на говорот.
Сојузниците на Трамп и Чарли Кирк ги предупредија Американците соодветно да го оплакуваат или да се соочат со последиците, а Еј-Би-Си соопшти дека ја прекинува вечерната емисија „Џими Кимел во живо“ на неодредено време по конзервативните негодувања околу неговиот монолог.
Писатели, изведувачи, поранешниот американски претседател Барак Обама и други ја осудија суспензијата на Кимел, нарекувајќи ја капитулација пред неуставниот притисок од владата.
Околу 150 демонстранти се собраа во четвртокот пред холивудското студио каде што се снима „Џими Кимел во живо!“ за да протестираат против суспензијата на емисијата. Некои носеа транспаренти со пораки „Спротивставете се на фашизмот“ и „Откажи го Дизни+“.
За време на неговата посета на Велика Британија, Трамп го нарече Кимел неталентиран и го осуди за тоа што кажал ужасна работа за еден голем господин познат како Чарли Кирк.
Кимел, комичар кој често го исмејува Трамп, за време на својот воведен монолог во понеделник рече дека сојузниците на Кирк го користат неговото убиство за да освојат политички поени. Тој, исто така, му се потсмеваше на Трамп откако претседателот го претвори прашањето за неговото лично оплакување на Кирк во промоција за неговата балска сала во Белата куќа.
„Вака возрасен не тагува за убиството на некој што го нарекол пријател. Вака четиригодишно дете тагува за златна рипка“, рече Кимел.
Во текот на двата мандати, Трамп се закануваше дека ќе ги поништи лиценците за локалните радиодифузни филијали на националните мрежи – лиценци што ги одобрува Федералната комисија за комуникации, номинално независно регулаторно тело.
Суспензијата на Кимел дојде откако претседателот на Комисијата, Брендан Кар, се закани дека ќе го истражи коментарот на Кимел за Кирк, а сопствениците на локалните телевизиски станици рекоа дека ќе престанат да ја емитуваат неговата емисија исполнета со познати личности.
